Директорката на УЈП и пратеничка на СДСМ, Сања Лукаревска не смета дека вчера се случи „конгересен дебакл“, со оглед дека Конгресот на партијата се одложи за нареден датум.
-Има обемен извештај и потребата од дополнителни анализи, се побара повеќе простор и прилика за да се дебатира за извештајот во рамки на општинските организации. По завршување на целиот процес, Конгресот ќе продолжи во своето заседание, кажа Лукаревска во емисијата „Студио 10“.
-Не стигнавне до фазата и за да ја имаме бројката. Претходно дојдовме до барањето за да се направи анализа. За продолжување на отчетниот Конгрес, многу брзо ќе продолжи, додаде Лукаревска околу наводите дека голем број од делегатите не дошле на Конгресот во хотелот „Александар Палас“.
На прашањето дали е преседан да се одложи Конгрес на партијата, пратеничката оценува дека тоа не е преседан.
-Ако имаме простор за дебата и одредени делегати имаат одредена потреба за да ги видат одредените слабости, може има уште простор за критика…Не сметам дека тоа е соодветен аларм. Шпекулации има многу, но исто така и после војна има многу генерални, вели Лукаревска.
Според неа, тоа што не се појавија голем број на делегатите на Конгресот, не е бојкот.
-Ако ги тргнеме настрана, некои не можеле да дојдат поради свои причини, но секако има делегати кои поради сопствениот револт, не се појавиле. Револтот на членството се преслика и на изборниот резултат. Тоа е анализата што треба да ги направи новиот претседател и раководство, но и старото раководство, додаде Лукаревска.