Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска во своето излагање на собраниската седница, посветена на избор на нова влада, посочи на две експозеа на некогашниот премиер Никола Груевски во 2006 година и на сегашниот мандатар Христијан Мицкоски.
-Речиси се е исто, само него го нема. Загрижуваат одредни недоречени ветувања во предложената програма, како на пример преиспитување и рационализација на поставеноста и органите на државната управа со можност за спојување и укинување на одредни државни органи, дали новата реорганизација изласана после полноќ и во скратена постапка ви беше потреба за реформа, која ќе биде и соодветно прочистување, рече Лукаревска.
Лукаревска истакна дека за поздравување во програмата на ДПМНЕ е тоа што ќе се продолжат добрите решенија во даночната сфера, во дигитализацијата, во обновливите извори на енергија, во културата, земјоделието, поддршка за иновации, повисок стандард на вработени и на пензионери, нешта кои владата на СДСМ ги издигна на достоинствено ниво.
-Откако станавте опозиција до 8 мај и во добро и во лошо имавте само еден збор – избори, бидејќи слепо целевте кон власта, па затоа кога велите дека: „почнуваме да ја реализираме нашата визија за државата, која повторно во рацете на народот, секој граѓанин има можност да напредува и да живее достоинствен живот имате одговорност за огромна искреност“, нагласи Лукаревска, додавајќи дека ДПМНЕ секако ќе го отвори Уставот, но тогаш ќе се види за што.
-Ако добиените избори од ДПМНЕ за некого значеше надеж, сега уште невселени на „Илинденска“ може да констатираме дека надежта веќе заминува, бидејќи ја однесоа постизборните играрии. Просто фрапантно е како за неколку дена се изпогазени повеќе работи. Станува збор можеби за некој куса лента, на којашто го нема името на државата, а камо ли нејзиното достоинство, добро и нејзината иднина, истакна, Лукаревска.
Лукаревска коментирајќи ја програмата ДПМНЕ се оврна и на најавените изненадувања од нивна страна секоја недела.
-Кога ќе не изненадите со ветената една милијарда, не слушнавме ниту збор за неа. Дали се работи за пари од земја која преку коњски скок е инфилтрирана во државата, за што бевме јавно предупредени пред три години. Скокот се случи, да видиме до каде ќе не однесе овој пат, порача пратеничката на СДСМ.