Лукаревска: Замрзнувањето со ниво на цени од 1 февруари e погрешно

од Nikola Popovski
176 прегледи

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска оценува дек последната одлука на Владата за ограничување на маржите е задоцнета, половична и со суштински недостатоци. Како што вели, замрзнувањето со ниво на цени од 1 февруари e погрешно, затоа што податоците на Заводот за статистика укажуваат дека веќе во јануари има пораст на цените. Тоа значи дека се замрзнати производи со поскапи цени.

-Дополнително, наместо да се ограничува маржата само на 102 групи на производи, треба да се опфатат сите 238 групи на производи. Од овие причини, граѓаните нема да почувствуваат никаков ефект од овие половични и задоцнети мерки. За жал Владата се покажува како слуга на големите бизнис интереси, наместо да се бори за доброто на граѓаните, кажа пратеничката.

Лукаревска побара да се усвојат мерките на СДСМ како што се намалување на Данокот на додадена вредност за електричната енергија од 18% на пет отсто , но и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од пет на нула проценти.

Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун жали поради вчерашните одлуки на Владата за ограничување на трговските маржи. Забележуваат дека во својата изјава, заменик-министерот за економија, Марјан Ристески сам се демантира.

-Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25%, што е причината за ограничувањето на маржата на 5%, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е цените да се намалат за 15-20%, доколку се намали маржата на овој начин, рекоа оттаму.

Владата вчера одлучи дека на 5 отсто се ограничува бруто профитната маржа на основните осум прехранбени производи: млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко. На 10 отсто е ограничена маржата на месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. На 15 отсто е ограничена маржата на свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.

Одлуката ќе стапи на сила по објавувањето во Службен весник и ќе важи до крајот на април.

Слични содржини