Лукашенко го опиша разговорот со Путин и Пригожин: „Пцуевме 30 минути“

од Stefanija Kuzmanovska
614 прегледи

Александар Лукашенко, првиот човек на Белорусија, тврди дека го убедил Путин да не ја уништува групата „Вагнер“ и Евгениј Пригожин. Тој вели дека доколку не интервенирал, ќе имало конфликт во кој на крајот ќе бил неутрализиран Пригожин.

Лукашенко вчера опиша каква била неговата улога во преговорите што доведоа до крај на еднодневниот бунт на Пригожин и неговиот марш кон Москва. Тој додаде дека Пригожин во моментов е во Белорусија, како што е договорено.

„Најопасната работа, колку што јас разбирам, не е каква била ситуацијата, туку како би можела да се развие и какви би биле последиците“, рече Лукашенко, пренесуваат белоруските државни медиуми. „Разбрав и дека е донесена сурова одлука – да се уништи. Му предложив на Путин да не брза. Ајде да разговараме со Пригожин, со неговите команданти, му реков“.

„Слушај, Алекс, џабе е. Нема ни да се јавува на телефон, не сака повеќе да зборува“, раскажува Лукашенко што наводно му рекол Путин.

Но, Лукашенко рече дека успеал да дојде до шефот на „Вагнер“ и, според неговото сведочење, го предупредил дека ќе биде „згмечен како инсект“ доколку трупите на „Вагнер“ продолжат да напредуваат кон руската престолнина.

„Разговаравме 30 минути пцуејќи. Исклучиво. Имаше 10 пати повеќе пцовки (подоцна ги анализирав) од нормалниот речник“, додаде Лукашенко, опишувајќи ја својата интеракција со Пригожин.

„Се разбира, тој однапред се извини и почна да ми кажува сè користејќи ги тие непристојни зборови“, додаде Лукашенко, пренесува Си-Ен-Ен.

Кремљ му препиша заслуги на Лукашенко дека помогнал да се деескалира ситуацијата, иако Путин и Пригожин не ја потврдија изјавата на белорускиот лидер за настаните во саботата. Лукашенко во вторникот рече дека Пригожин ги добил неговите лични гаранции за безбедност, како и безбедноста на неговите луѓе, со цел да го задуши бунтот во саботата вечерта.

„Во пет часот навечер ми се јави и ми рече: ‘Ги прифаќам сите ваши услови. Но… Што да правам? Ако престанеме – ќе не уништат’. Јас му реков: ‘Нема. Ви гарантирам. Јас ќе го преземам тоа на себе’“, се присети Лукашенко.

Слични содржини