Белорусија е сигурен партнер на Русија и во тоа нема сомнеж, изјави денеска претседателот на Белорусија Александар Лукашенко на средбата со министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров во Минск.
„И Русија и Белорусија денес прават многу за Европа и целиот свет да не се лизнат кон најопасната линија. Треба да знаете дека така ќе биде и понатаму. Ние сме сигурни сојузници на Руската Федерација. Можете да бидете сигурни во ова. И тука нема никаква игра, бидејќи разбираме дека многу е во прашање. Пред сè, опстанокот на нашите земји и нашиот народ“, рече Лукашенко.
„Работиме како една целина и бидете сигурни дека Белорусија ќе биде посветена на тој принцип“, нагласи тој и додаде дека утре повторно телефонски ќе разговара со претседателот на Русија, Владимир Путин.
Лукашенко рече и дека неговата земја е подготвена за каков било развој на настаните пред следните парламентарни избори во февруари.
„А претседателските избори ќе се одржат една година по парламентарните избори. Нè очекува тежок период. А западњаците се подготвуваат за тоа. Го гледаме тоа. Подготвени сме за секое сценарио“, коментираше тој.
Лавров, од своја страна, посочи дека Европската унија под притисок на Вашингтон одлучува за чекори кои водат кон загуби.
Денешната средба меѓу Лавров и Лукашенко се одржа по конференцијата „Евроазиска безбедност: реалност и перспективи во светот што се менува“. Во неа учествуваа и рускиот и унгарскиот министер за надворешни работи.