Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, вели дека тој и лидерот на Русија, Владимир Путин, се согласуваат дека „силите што ја оркестрираат политичката криза во Белорусија се подготвени да тргнат и на Русија“.
– Во Русија, честопати слушам дека медиумите зборуваат: „Во Белорусија, во Белорусија… Но, тоа се случува овде, на западната граница (со Белорусија“) – рече Лукашенко за „Раша Тудеј“ во градот Гродно, каде им се обрати денес на своите поддржувачи.
Како што вели, тој и Путин се согласиле дека „оние што вршат притисок врз Белорусија сега, подоцна ќе тргнат и на Русија“.
– Тоа е трамполина, и ние мора да ја уништиме. Тоа е ставот што го споделувам со претседателот Путин – рече Лукашенко.
Тој додаде дека досега не учествувал на провладини митинзи бидејќи неговите противници наводно подготвувале напади врз неговите приврзаници.
– Се плашев дека луѓето ќе бидат повредени, па паузирав. Морам да му се заблагодарам на мојот пријател Путин, кој исто така рече: „Слушај, зошто не зборуваш? Јас му реков: „Ќе ме чуеш наскоро“, Па сега ме чувте“, рече Лукашенко.
Политичката криза во Белорусија трае со денови по претседателските избори што се одржаа на 9 август. Официјалните податоци покажуваат дека Лукашенко победил со над 80 проценти од гласовите.