Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, се обрати до нацијата и парламентот, а главна тема е зачувувањето на суверенитетот и ситуацијата во Украина. Тој предложи да се запрат борбените операции во Украина, да се воспостави примирје при што ниту една страна нема да смее да преместува опрема и оружје.
Како што истакна, на хоризонтот се наѕира трета светска војна со „нуклеарни пожари“ и неопходни се преговори без предуслови.
„Денеска е единствен момент кој никогаш повеќе нема да се повтори. Ниту во историјата на Русија, Белорусија, Украина, ниту во светската, особено европската историја. Има само едно прашање – што да се прави?. Сите разбирате дека преговарањето е единствениот начин. Преговори без предуслови“, рече Лукашенко.
Според него, евентуална контраофанзива на украинските сили ќе ја избрише можноста за мировни преговори и ќе доведе до ескалација.
Лукашенко смета дека тврдењата на Киев дека наводно ќе ја победи Русија се глупави бидејќи е невозможно да се победи нуклеарна држава. Тој исто така додаде дека Русија може да користи нуклеарно оружје само како последно средство.
Белорускиот претседател рече и дека колежот во Украина нема да заврши додека „шефот“ од другата страна на океанот не даде сигнал.
„На народот на Украина му треба мир, но никој на Запад не е заинтересиран за тоа“, рече Лукашенко и додаде дека Русија била принудена да го анектира Крим.