Лукашенко побара од платениците на Вагнер да обучуваат белоруски војници

од Nikola Popovski
242 прегледи

Белорускиот претседател Александар Лукашенко побарал од платениците од групата Вагнер да ја обучуваат белоруската армија, а повикот е упатен за време на говорот посветен на Денот на независноста на Белорусија, пренесе државната новинска агенција Белта. Белорускиот лидер најавил и дека на пат е „воено-политичка криза од светски размери“.

„За жал, тие (платениците на Вагнер) не се тука. И ако нивните инструктори, како што веќе им кажав, дојдат и ни дадат борбено искуство, ние ќе го прифатиме тоа искуство“, рекол тој.

Повикот на Лукашенко доаѓа само седум дена откако белорускиот лидер ја презеде заслугата за задушувањето на вооружениот бунт на силите на Вагнер против Москва.

Во неверојатен редослед на настани што претставуваа најголема закана за рускиот претседател Владимир Путин во изминатите години, лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин ги префрли своите сили кон главниот град на Русија, преземајќи ја контролата врз воените инсталации во два руски града.

Кризата беше ублажена дури откако Лукашенко посредуваше за договор Пригожин да се пресели во Белорусија. Како дел од истиот договор, трупите на Вагнер добија можност да се пријават во руската војска или во агенциите за спроведување на законот, да се вратат кај семејствата и пријателите или да одат во Белорусија.

Во својот говор во петокот, Лукашенко рече дека не се плаши од членовите на групата на Вагнер затоа што „одамна ги познава“.

„Тоа се луѓе кои се бореа низ целиот свет за воспоставување на нормална цивилизација. Западот ги мрази до срж“, рече тој.

Тој, исто така, предупреди дека претстои „воено-политичка криза од светски размери, без преседан во историјата на човештвото“ и го критикуваше Западот што не ја признава потребата од дијалог за нејзино решение.

Лукашенко ги обвини Европската Унија и САД за „забрзано вооружување на Полска“ и тврди дека Западот ја прави Полска „полигон за обука“ што треба да се користи против Белорусија и Русија, споредувајќи ја со Украина.

„Така се создава уште еден фокус на тензија, се создава уште едно упориште за агресија на најагресивната земја во светот и, за жал, најмоќната – САД“, рече Лукашенко.

Слични содржини