Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко се закани со кривични пријави против лидерите на опозицијата во таа земја и ги повика безбедносните служби да го зголемат притисокот врз демонстрантите.
По состанокот на Советот за безбедност, белорускиот лидер ги предупреди членовите на опозицискиот координативен совет дека може да се соочат со кривични пријави за обид за создавање „паралелни структури на моќ“.
Лукашенко исто така го обвини Западот за поттикнување и финансирање на немирите и им нареди на агенциите да сопрат со приливот на пари.
Тој, исто така, нареди белорускиот комитет за државна безбедност, сè уште наречен КГБ, „да ги пронајде и запре поттикнувачите на немирите“.
„Не мора да има повеќе немири во Минск. Луѓето се уморни и бараат мир и тишина“, рече Лукашенко.
Незадоволни од заканите, неколку стотици демонстранти се собраа пред седиштето на Министерството за внатрешни работи, и покрај обилниот дожд, барајќи оставка на министерот.
Лукашенко, кој е прогласен за „последен диктатор на Европа“ од Западот, ги отфрли критиките на ЕУ и им рече на водачите да „се грижат за своите работи“.
„Тие имаат многу свои проблеми. Со проблемите на Белорусија не треба да дефокусираат од нивните проблеми“, рече тој на состанокот со официјалните лица.
Европската унија ги отфрли официјалните резултати од изборите на 9 август, според кои Лукашенко освои 80 проценти од гласовите, и изрази солидарност кон демонстрантите.
ЕУ соопшти дека подготвува санкции против белоруските претставници одговорни за бруталните пост-изборни акции.
За време на првите четири дена на протестот, полицијата уапси скоро 7.000 луѓе и рани стотици со гумени куршуми, фрлајќи солзавец и користејќи палки.
Најмалку тројца демонстранти беа убиени, пренесува Бета.