Лустрацијата не се укинува, ниту се поништува, само завршува. Сметаме дека траеше сосема доволно за да ги исполни очекувањата, за да се дознае вистината што всушност беше и главната цел на процесот, рече денеска пратеникот Илија Димовски, образложувајќи го пред Собранието Предлог-законот за престанување на важење на Законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност во прво читање.
– Идејата на Живко Чинго, Панко Брашнаров, Павел Шатев, Ристо Шишков,…со или без овој закон, победи. Денес живееме во демократија, во независна и суверена Македонија, нагласи Димовски.
Реагираше Роза Топузовска-Каровска со констатација дека лустрацијата во Македонија воопшто не е почната, дека процесот е задоцнет и дека Комисијата за верификација на фактите работеше селективно. Таа смета дека соработници на тајните служби има многу повеќе од востановените 300-та.
– За жал, законот не ја исполни основната цел – да се исправи историската неправда, да бидат лустрирани оние кои јасно имаат потпишано согласност со службите. Комисијата работеше селективно и се зафати со одамна починатите наместо да ги разгледа документите на оние кои во овој момнт се на јавни функции, пртеници, министри, директори,…, Топузовска-Каровска.
Според неа, мора да има јасни рокови до кога ќе функционира Комисијата за лустрација.
Рафиз Алити се согласи дека вистинската лустрација во Македонија се уште не е почната, но не и со тоа дека законот беше лош.
– Пратеничката група на ДУИ даде поддршка за овој закон, а сме потписници и на денешниот предлог-закон. Мислевме дека ќе се постигне целта што барем беше наше тежнеење – да има вистинска лустрација. Се согласувам дека ова е задоцнет процес, ефектите ќе беа подобри ако законот се донесеше во деведесетите години, но тогаш немаше такво расположение, нагласи Алити, подвлекувајќи дека Македонија треба да ги побара досиејата од Белград за да се направи вистинска лустрација. Дотогоаш, рече, работите ќе останат отворени.
Во дискусијата се вклучи и Влатко Ѓорчев, нарекувајќи ги членовите и симпатизерите на СДСМ апологети на комунизмот кои зад наводен демократски социјализам промовираат апсурден став, зборуваат за диктатура и режим, а во времето на Југославија една партија владееше 12 мандати по четири години без избори.
– Секој денес може да каже или да напише што сака, има десетици телевизии и весници, стотици интернет поратли ама тоа не било демократија, рече Ѓорчев.
Согласно предлог-текстот на Димовски, Џафери, Аљити и Милошоски, Комисијата за лустрација ќе продолжи да работи додека не завршат постапките за кои се изречени решенија, но кои се во жалбена, односно судска постапка. Исто така се предлага, Собранието на Комисијата да и го одземе мандатот од 1-ви септември, таа да нема право да почнува нови постапки, а за постапките кои се почанти, но за кои нема изречено решение, да нема право на изрекување првично решение.
Се предлага и важноста на изречените конечни решенија да биде пет години, независно кога се донесени.
По образложението на предлогот, Димовски искажа подготвеност да се разгледаат амандамни кои би придонеле за да нема какви било нејаснотии или проблеми во функционирањето на Комисијата за лустрација.
Пратениците претходно донесоа неколку закони и усвоија предлог-решенија со заклучок дека може да се дадат на натамошно, второ читање./ МИА
