Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа не го криеше разочарувањето по елиминацијата од Лигата на шампионите. По поразот од Арсенал од 2:1 на Сантијаго Бернабеу, Белгиецот пред камерите јавно ги прозва најголемите клупски ѕвезди Винисиус Жуниор и Килијан Мбапе.
„Не бевме доволно прецизни во нападот. Не знам дали Раја имаше посериозна одбрана за време на натпреварот“, изјави Куртоа за Movistar и додаде: „Загубивме од подобар противник и мораме да го прифатиме тоа. Внесовме многу топки во шеснаесетникот, но оваа година го немаме Хоселу, класичен напаѓач. Мораме да анализираме што можеме и мора да го поправиме“.
Куртоа јасно стави до знаење дека Реал Мадрид мора да игра многу повеќе како тим, предупредувајќи дека премногу се потпираат на индивидуални акции. Неговите зборови беа директно насочени кон Винисиус Жуниор и Килијан Мбапе, а каков ќе биде нивниот одговор останува да се види.
„Треба да имаме многу повеќе тимска акција и помалку индивидуални обиди. Ако противникот ги удвои Винисиус или Килијан, ситуацијата еден на два може да функционира еднаш, но нема да функционира пет пати. Тоа едноставно нема смисла. Мора да бидеме самокритични и да го признаеме тоа“, јасно кажа Куртоа.
Реал Мадрид со овој пораз ја загуби шансата да ја освои титулата најдобар тим во Европа, а загрозена е и нивната борба за преостанатите трофеи до крајот на сезоната.