Агенцијата за филм на Северна Македонија соопшти дека и оваа година ќе биде присутна на Канскиот филмски фестивал, кој се одржува од 16-ти до 27-ми мај. Во рамки на фестивалот, проекција утре ќе има долгометражниот филм на Вардан Тозија насловен како „М“ во продукција на „Фокус покус филмс“, односно во во копродукција меѓу нашата држава, Хрватска, Косово и Франција.
Исто така, оваа година на Канскиот фестивал во програмата FOCUS WiP 2023 – Work in Progress на Cinema Demain, во вторник, 23 мај, ќе биде претставен и проектот „Loynes“ на режисерот Dorian Jespers. Филмот е во копродукција на „SCUM Pictures“ и „WrongMen“ од Белгија, „FilmGrand8“ од Франција, Веда Филм од Северна Македонија и „LONO Studio“ од Англија.
Како што соопштија од Агенцијата, краткометражниот филм во режија на Гоце Трајковски, „Досие иднина“, а во продукција на „Слобода филм“ ќе биде дел од каталогот на „Short Film Corner“ и за таа цел, филмот ќе биде достапен во приватна и обезбедена видео-библиотека, до која пристап имаат само акредитирани професионалци кои се заинтересирани за кратки филмови за време на фестивалот. Се работи за драма/мистерија во кој улогите ги играат Ебру Мусли, Ана Стојановска, Решид Береда.
Покрај овој работен дел, во рамките на Канскиот филмски фестивал, од Агенцијата за филм најавија дека ќе реализираат низа активности во насока на афирмација на македонскиот филм на еден од најважните филмски фестивали во светот.
-Македонскиот штанд во SEE павилјонот ќе биде место на кое македонската делегација од Агенцијата ќе ги претстави најновите случувања во нашата кинематографија и ќе реализира средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел е подготвен обемен каталогизиран и промотивен материјал. Сите присутни на Филмскиот маркет кои ќе го посетат павилјонот на земјите од Југоисточна Европа (SEE pavilion), а се заинтересирани за потенцијални идни соработки и иницијативи ќе имаат можност да остварат состаноци со претставници од Агенцијата, се наведува во соопштението на Агенцијата за филм.