Седницата на Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ за смена на раководството продолжува и денеска, се до комплетирање на целокупната документација, информираат од М-НАВ.
Контролорот на летање Хекуран Асани и раководителот Милан Кораќ се очекува да застанат на чело на македонската навигација. Смената доаѓа по низата ситуации што се случија изминатиот период во државната компанија. Владата ги разреши претседателот на управниот одбор Фахрудин Хамиди и директорот Љубе Стаменковски.
Во меѓувреме во јавноста се разбранува информацијата дека таму работат роднини на владините функционери. Дека тоа е така, потврдија и тие.
„Сестра ми работи во М-НАВ веќе 15 години, или 12 години пред јас да станам министер за надворешни работи“, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Па така, покрај сестрата на Османи, вработени се и снаата на вицепремиерот Артан Груби и внукот на министерот за земјоделие Љупчо Николовски. Претходно и премиерот рече дека „М-НАВ“ станала „семејна фирма“, а за вработени роднини на министри, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Надзорниот одбор во М-НАВ вчера попладне ја почна седницата за промените во раководството, согласно насоките што ги доби од Владата на 9 јануари, а по упадот во институцијата на почетокот на месецов – да ги разреши претседателот на Управниот одбор Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ.
По именувањето на новите директори, како што објаснуваат од М-НАВ, следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централен регистар, од каде се добива решение. Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела.