Мадона и Бритни го повторија бакнежот од МТВ наградите во 2003 година

од Vladimir Zorba

На венчавката на популарната поп-пејачка Бритни Спирс оваа недела, Бритни и Мадона го повторија својот познат бакнеж од сцената, кој го разменија на доделувањето на МТВ наградите во 2003 година.

Бритни и Мадона заедно настапија со Кристина Агилера и го испеаја хитот на Мадона „Like a Virgin“. За време на настапот, кој го следеа поранешното момче на Бритни Спирс, Џастин Тимберлејк и тогашниот сопруг на Мадона Гај Ричи, Мадона ги бакна Бритни и Кристина во уста.

Оваа недела Мадона на социјалните мрежи објави фотографии на кои таа и Бритни повторно се бакнуваат, овој пат на свадбената прослава на поп принцезата. Бритни Спирс се омажи за Сем Асгари, фитнес тренер и модел, во нејзиниот дом во Лос Анџелес.

– Бритни изгледаш толку среќно и заљубено. На тебе и Сем ви посакувам се најдобро! Минатата ноќ беше забавна – изјавила Мадона.

Мадона објави и заедничка фотографија на која Донатела Версаче, Парис Хилтон, Селена Гомез и Дру Баримор позираат со Бритни облечена во раскошна венчаница од Версаче.

Бритни и нејзиниот сопруг се запознале на снимањето на видеото за Slumber Party во 2016 година, а се вериле во септември минатата година. Во таа прилика пејачката изјави дека запросувањето дошло „прилично доцна“. Свадбата се одржа неколку месеци по завршувањето на тринаесетгодишното старателство што го контролираше животот на Бритни Спирс. Тој контроверзен договор беше раскинат од Врховниот суд на Лос Анџелес во ноември минатата година.

Слични содржини