Судот во Мадрид денеска ќе ја добие сета потребна документација врз основа на која ќе одлучи дали ќе подигне обвинение против лидерот на Каталонија, Карлес Пучдемон и останатите. Доколку одлучат кривично да го гонат, Пучдемон ќе биде уапсен и сместен во притвор. Исто така, надлежните во државата денеска влегуваат во институциите на Каталонија и ја преземаат контролата.

Многумина ова го нарекуваат Денот Д за шпанската демократија, а се сѐ случува во првата недела откако Шпанија воспостави директна контрола над Каталонија и ја укина автономијата. Ова ќе биде еден тест за тоа како ќе функционира системот.
Се поставува прашањето дали Пучдемон и другите министри ќе се појават во своите канцеларии, како и јавните службеници, како и дали каталонската полиција ќе ја прифати наредбата од Мадрид со оглед на тоа дека шефот им е отпуштен за време на викендот.
Шпанскиот министер за надворешни работи Алфонсо Дастис уверен е дека луѓето ќе се однесуваат одговорно, и дека јавните службеници ќе ги извршуваат своите должности професионално.
„Уверени сме дека полицијата ќе го направи она што треба, а тоа е да осигури мир и да го спроведува законот и редот во Каталонија“, рече тој.
Доколку дојде до апсење на Пучдемон, тоа може да предизвика немири затоа што многумина негови приврзаници велат дека се подготвени за ризикот да бидат уапсени или повредени за да го заштитат. Од друга страна, Пучдемон нема да отстапи, а најави и дека понатаму ќе се бори за независност на Каталонија.
Владата на Шпанија му порача на Пучдемон дека може да се кандидира на предвремените избори закажани за декември, но дека тоа ќе може да го направи само ако не биде уапсен и затворен.