Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро рече дека тој ќе биде првиот човек во таа земја што ќе ја прими вакцината „Спутник V“ против Ковид-19. Тој изјавува дека му е драго што Русија ќе биде прва што ќе го вакцинира своето население и дека ќе послужи како пример во Венецуела.
„Драго ми е што Русија ќе биде прва во светот што ќе го вакцинира своето население“, рече Мадуро во телевизиското обраќање во неделата, пренесува РТ.
„Ќе дојде време кога сите ќе бидеме вакцинирани и јас сум првиот. Одам по вакцината, ќе послужам како пример“, истакна Мадуро.
Руската вакцина против Ковид-19, наречена „Спутник V“, е прва во светот што доби официјално одобрение и веќе влезе во производство. Според руските власти, интерес за неа изразиле дваесетина земји. Датумот на испорака на вакцината во Венецуела сè уште не е познат.
Според најновите податоци собрани од „Џонс Хопкинс“, Венецуела потврди над 33.750 случаи на заразени, а 281 лица починаа.