МАЕИ: Со бранење на сопствениот идентитет како Македонец не значи дeкa се води „антибугарска реторикa“

од Nikola Popovski
43 прегледи

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ги отфрла како неосновани и тенденциозни обвинувањата на бугарската телевизија НОВА за наводна „антибугарска реторика“ на претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски.

-Претседателот Стерјовски и Македонска алијанса за европска интеграција со години доследно се борат против агресивната политика на Бугарија во Албанија, насочена кон асимилација на македонското малцинство. Таквата политика, која користи методи од 19 век, е во спротивност со европските вредности и основните човекови права. Реакциите на МАЕИ на овие антиевропски дејствија не претставуваат говор на омраза, ниту израз на омраза кон бугарскиот народ, туку легитимна и демократска борба за заштита на македонскиот идентитет во Албанија. Да се брани сопствениот идентитет како Македонец, не значи дeкa се води „антибугарска реторика“, велат од партијата.

Додаваат дека присуствата на Стерјовски на чествувањата на Јане Сандански беа на покана на македонски организации од Бугарија, организации што не се признаени од бугарската држава.

-За време на тие посети, Стерјовски никогаш не користел говор на омраза, ниту го негирал постоењето на бугарскиот народ и јазик, за разлика од одредени бугарски структури кои не го признаваат македонскиот народ и јазик.

Во однос на тврдењата на претседателот на фондацијата „Македонија“ од Софија, Виктор Стојанов, дека наводно добивал закани од Васил Стерјовски, тоа е невистина. Напротив, Стојанов јавно упатуваше закани до Стерјовски и други македонски активисти во Албанија. По барање на МАЕИ, тој беше прогласен за „персона нон грата“ од албанските власти поради неговите јавни закани, притисоци врз македонското малцинство и незаконското мешање во пописот на населението, кога јавно објавуваше чувствителни податоци, за што, наместо само протерување, требаше да биде и кривично гонет, истакнуваат од партијата на Македонците во Албанија.

Во врска со тужбата поднесена од бугарска фондација од Бугарија против МАЕИ и Стерјовски во Основниот суд во Корча, и шпекулациите дека Стерјовски „ќе биде осуден“, МАЕИ нагласува дека имаат целосна доверба во правдата и судските институции во Албанија.

-Убедени сме дека ваквите тужби, поднесени од експоненти на бугарската држава, нема да нè заплашат ниту замолчат во нашата борба за заштита на правата на Македонците во Албанија, стои во реакцијата на партијата.

Слични содржини