Во првиот натпревар од четвртото коло во Серија А, Сасуоло и Милан одиграа без голови.
Немаше голови, но имаше возбуда. Актуелниот шампион од ова гостување се враќа без победа, но овојпат тешко дека може да биде незадоволен од освоениот бод.
Всушност, тој треба да му биде благодарен на голманот Мајк Маињан. Во 23. минута по прекршокот на Флоренци во шеснаесетникот беше досуден пенал за Сасуоло. Одговорноста ја презеде играчот кој во овој преоден рок се поврзуваше со Милан, Доменико Берарди. Но неговиот удар од самото место го одбрани Маињан.
До крајот на натпреварот Росонерите имаа предност во посед (63:37%), но сериозно се закануваше и Сасуоло. Својата најдобра шанса Милан ја пропушти во 40. минута, кога Жиру со глава за влакно го промаши голот. На крајот остана 0:0, а Милан барем за кратко останува на првото место.