Мајка чие дете загина во „Пулс“: Комеморацијата е голема катастрофа, прочитаа две страници и ајде чао пријатно…

„Очекувавме барем со име и презиме по две минути да се одвојат за секое дете“, порачаа родителите од Кочани пред Собранието

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/Инфомакс

Габриела Наунова, мајката на загинатата Надица Наунова во трагедијата во „Пулс“, денеска пред Собранието порача дека е разочарана од односот на властите околу оддржаната комеморација за загинатите лица по повод една година од големиот пожар. Порача дека нивните очекувања биле дека ќе добијат поголема почит за нивните деца.

-Комеморацијата за нашите деца со 63 жртви за една држава, со две страници и ајде чао пријатно…Толку беше. Ова не го очекувавме. Уште една голема рана за нас родителите. После една година комеморација и две страници читање на напишан текст…Катастрофа, големо разочарување, кажа мајката.

Таткото на Надица во изјава за медиумите се надоврза на зборовите на неговата сопруга и рече дека очекувале барем по две минути да одвојат со текст за секое загинато дете. Информира дека им пренеле на сите институции, но ниту име било спомнато туку само кратки зборови и правдање за Собранието и одморот што си го земаа после трагедијата.

Во Собранието денеска се одржа комеморативна седница, една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 млади лица. Покрај родителите на настраданите, присуствуваше и државниот врв. Единствен кој се обрати од говорницата беше спикерот Африм Гаши.