Семејствата на загинатите во трагедијата во кочанската дискотека денеска излегоа на трет марш низ градот, со цел да побараат правда и одговорност за смртта на нивните најблиски. Протестниот марш започна од Градскиот парк во Кочани и продолжи кон Општината и полициската станица во градот.
Дел од родителите на починатите му порачаа на Обвинителството да не ја одолговлекува истрагата.
-Ги пуштивте убијците на нашите деца затоа што сте корумпирани – да си го дочекаат празникот со нивните семејства. Дали знаете каде ние ќе го дочекаме празникот? Не знаете. Еве ќе ви кажеме: доручек, ручек, вечера на гробишта…Дали нашите ангели го заслужуваат тоа? Ова е крвта што ни ја зедовте од нашите деца, изјави мајката на диџејот кој загина во дискотеката.
Присутните жалат што децата биле оставени сами на себе, при што обвинија дека полицајците не сакале да помогнат во извлекувањето на настраданите.
-Најборбените деца се всушност жртвите. Да видиме кој ќе ни помогне за правда на нашите деца. Оставени сами на себе…Тука има многу луѓе кои се вмешани. Сите се пуштени дома, а ние ќе одиме на гробишта. За Модуларната болница кабелот беше виновен, а сега мислам дека ќе бидат виновни нашите деца…ДНК мислам дека ќе бидат виновни, друг нема кој да биде виновен…Сега ние мермер и плочи бираме на сопствените деца, рекоа меѓу другото родителите на протестот.
Друга мајка на протестот само го праша министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски „каде се купуваат дипломите“.
МВР постапува по добиените насоки и наредби од Обвинителство. Тошковски очекува истрагата за пожарот во кабарето „Пулс“, што однесе 62 животи да заврши за краток временски период. Тој уверува дека полицијата досега ги презела сите дејствија што биле побарани. Во обемната истражна постапка се вклучени 13 обвинители, извршени се голем број претреси, сослушани се сведоци и собрани над илјада материјални докази.
Со истрагата се опфатени поранешни министри за економија, актуелни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни директори на Пазарниот инспекторат, полициски службеници, актуелни и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Се уште во притвор е поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, а неговите претходници, Ваљон Сарачини и Беким Незири остануваат во домашен притвор. Во куќен притвор се поранешните градоначалници Љупчо Папазов, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев. По завршувањето на болничкиот третман, и синот на сопственикот на „Пулс“ доби мерки за претпазливост.
На предлог на Обвинителството, кочанскиот Суд им го укина куќниот притвор на екс-директорите на ДПИ, Анета Симеска-Димоска и Горан Трајковски. Само неколку дена откако Обвнителството предложи на Трајковски да му биде сменет ефективниот притвор со куќен, следуваше и предлог за мерки на претпазливост за него и за неговата претходничка.