Откако Апелацискиот суд објави дека е укината е првостепената пресуда која ѝ беше изречена на Ангела Ѓорѓиевска за убиството на Пино Секондо, се огласи мајката на усмртеното момче. Таа смета дека нема правда во Македонија.
-Вода во пустина ќе најдеш, ама правда во Македонија тешко. Нема правда во Македонија, напиша Маја Трпковска на Фејсбук.
Со денешната одлука, првостепената пресуда е укината и случајот е вратен на повторно судење пред првостепениот суд.
Ангела Ѓорѓиевска доби 19-годишна казна затвор поради свирепото убиство на Пино Секондо. Судијката Ленка Давитковска ја прогласи за виновна, односно, дека помогнала во извршување на убиството кое се случи во 2018 година.
Телото на убиениот Пино беше пронајдено неколку месеци по убиството, во април 2019 година, кај местото наречено Башинец, во атарот на селото Љуботен.
Во обвинителниот акт против Ѓорѓиевска беше наведено дека на 11.12.2018 година, обвинетата го повикала оштетениот, сега починатиот Пинета Секондо-Пино, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило „опел аскона“, носејќи со себе огнено оружје – пушка.
Обвинителството тврди дека тројцата се упатиле по обиколницата кон атарот на селото Арачиново и во една нива почнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент Фуркан Али со пушката го застрелал во главата Пино Секондо. Осудената Ангела Ѓорѓиевска придонела да се изврши убиството, така што овозможила Пино да се сретне со убиецот, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост.