„Мајкрософт“: Руски, ирански и кинески хакери се обидуваат да влијаат на изборите во САД

од Vladimir Zorba
125 прегледи

Групи од Русија, Кина и Иран се обидоа да хакираат луѓе и организации поврзани со претстојните претседателски избори во САД, соопшти „Мајкрософт“.

Преку соопштение на својата веб-страница, од ИТ гигантот тврдат дека странските групи ги засилиле напорите да влијаат на резултатот од претседателските избори во ноември.

Според „Мајкрософт“, истата руска хакерска група за која американските обвинители велат дека е главно одговорна за нападите врз претседателската кампања на Демократската партија во 2016 година, неодамна биле насочени кон американски национални и државни актери и републикански консултанти и демократите.

Нагласено е дека „руската тактика се развила од 2016 година и веројатно вклучува автоматизирани напади на „груба сила“.

Во извештајот се наведува дека руската група целела над 200 организации, а многумина, како што вели „Мајкрософт“, се „директно или индиректно поврзани со претстојните избори во Америка, како и со политичките организации во Европа“.

Американскиот ИТ гигант не прецизираше колку организации биле насочени од Кина и Иран.

Се тврди дека мета на кинеските хакери била кампањата на демократскиот кандидат Џо Бајден и барем едно лице кое претходно било во администрацијата на сегашниот претседател Доналд Трамп.

„Мајкрософт“ забележува дека во мај и јуни оваа година „иранските хакери се обиделе да се најават на сметките на службениците на администрацијата на Трамп и на персоналот на предизборната кампања на Трамп“.

„Она што го видовме е во согласност со претходните обрасци на напади кои не се насочени само кон кандидатите и вработените во кампањата, туку и кон оние со кои се консултираат за клучни прашања“, се наведува на веб-страницата на „Мајкрософт“.

Си-Ен-Ен пишува дека „Мајкрософт“ има тимови кои следат софистицирани хакерски групи, а објавениот извештај, како што се проценува, дава „најдлабок увид во тоа како хакерите се насочени кон изборите годинава“.

Американската телевизиска мрежа тврди дека веќе се појавија некои докази за наводните напори на Москва, вклучувајќи го и минатонеделното соопштение од Фејсбук дека „групата тролови“ што беше дел од обидот на Русија да се меша во претседателските избори во САД во 2016 година, повторно се обидува да влијае на ставовите на Американците.

Слични содржини