Мајската синдикална кошничка поголема за 1217 денари од априлската

од Nikola Popovski
22 прегледи

Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во мај се зголемени за 1.217 денари во споредба со април, покажуваат податоците што денеска ги објави Сојузот на синдикати на Македонија.

Вредноста на синдикалната минимална кошничка, според објавените податоци, во мај изнесува 63.908 денари што е за 1.217 денари повеќе во однос на априлската синдикална кошничка која изнесуваше 62.691 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати синдикалната кошничка изнесува 79.283 денари.

Трошоците за храна и пијалоци во синдикалната кошничка во мај изнесуваат 22.434,00 денари и се за 954 денари зголемени во споредба со април.

Од ресорот економија неодамна соопштија дека наскоро ќе ја дадат на увид кошничката, а до крајот на месецов очекуваат да биде верификувана во рамки на Економско социјалниот совет. Она што се знае сега дека повеќе нема да се нарекува минимална туку просечна. Во новата потрошувачка кошница нема да има цигари, алкохол и несезонско овошје, но ќе има домашно овошје, зеленчук и други сезонски земјоделски производи. Одмор во странство и купување нов автомобил, исто така не се планираат во пресметката на владината потрошувачка кошничка. Методологијата за утврдување на пресметката на цените ќе се базира на податоците на Пазарниот инспекторат и Државниот завод за статистика.

ССМ ја пресметува синдикалната минимална кошничка од 2011 година и вредноста на истата има за цел да им покаже на креаторите на политиките дека платите се ниски и мора континуирано да се зголемуваат.

Слични содржини