Одлуката доаѓа во услови кога превозниците од Северна Македонија, заедно со колегите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, четврти ден по ред спроведуваат блокади на граничните премини во делот на товарниот сообраќај кон шенген-зоната, протестирајќи против новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ.
Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека од Брисел пристигнале позитивни сигнали и дека Европската унија ќе усвои нова Стратегија за визи, со која, како што наведе, ќе се адресира проблемот со кој се соочуваат професионалните возачи.
Според него, европските институции ги прифатиле аргументите дека возачите треба да се третираат како професионалци, што беше и главното барање на протестите што се одвиваат изминатите денови.
Дополнително појаснување даде и извршната потпретседателка на Европската комисија, Хена Виркунен, која при презентацијата на новата Стратегија за визи изјави дека се разгледува можноста за поголема флексибилност за одредени професии, меѓу кои и камионџиите, без да се наруши безбедноста и без формално менување на постојните правила за безвизен престој.
Таа нагласи дека новиот Систем за влез и излез (ЕЕС) не воведува промени во правилото за престој до 90 дена во период од 180 дена, но дека Европската комисија е свесна за практичните предизвици со кои се соочуваат одредени категории работници.
Во меѓувреме, дел од регионалните медиуми јавуваат дека транспортерите од Црна Гора донеле одлука да ги прекинат блокадите, по разговори со тамошната Влада и постигнат договор за надминување на дел од проблемите.
Коморските проценки укажуваат дека дневните загуби за регионот, само во делот на извозот, достигнуваат околу 100 милиони евра, а веќе се предупредува и на можни нарушувања во снабдувањето со одредени увозни производи. Според превозниците, економските последици од состојбата би можеле да ги почувствуваат не само земјите од Западниот Балкан, туку и пошироко.