Иницијативата „Отворен Балкан“ значи можност која ако знаеш и умееш, ќе ти овозможи раст и развој на секое ниво. Ова е ставот на Асоцијацијата на транспортери Макам-транс во однос на договорот за соработка што го потпишаа Албанија, Србија и Северна Македонија, а со кој се отстрануваат граничните бариери за трговија и проток на патници. Се што нема да биде ефикасно треба да се менува во од, а не да заглави во бирократијата на трите држави, вели за „Локално“ генералниот секретар, Билјана Муратовска.
„Крајно време е бизнисмените низ разните облици на здружувања да го кренат гласот, да го заборават клиентелизмот и да поработат на својот личен развој и конкурентност затоа што само на тој начин ќе успеат да се наметнат на еден поголем пазар, а преку тоа и на целиот европски пазар и да се ослободат од зависноста која постои меѓу нив и политичарите. Здравата конкуренција е основa и мотив за воспоставување на услови за одржлив раст и развој на трговските друштва, а преку нивната лојалност кон државата и плаќање на фискални давачки ќе бидат основа за развој на општините и државата во целост. Самостојни стопанственици ослободени од клиентализмот ќе бараат отчет од државниот апарат, негово намалување, остручување и трансформација на истата во она што треба да биде, а тоа е сервис на правните и физичките лица во права смисла на зборот”, вели Муратовска.
Таа нема дилеми дали стопанствениците ќе знаат да го искористат тоа што го договараат политичарите.
„Ако успеат на вака одреден поголем пазар, ќе успеат и во цела Европа, а особено на големиот пазар на ЕУ кон кој сите се стремиме, затоа што ова е тест и можност за развој на стопанството и излегување од замката на сите други теми кои политичарите ги наметнуваат како проблем од национален, безбедносен и верски карактер”, посочува Муратовска.
Проектот „Отворен Балкан“ нема да пропадне и може да биде успешна приказна но она што според Муратовска треба да се направи е јасна разлика во однос на мерките кои се преземаат, да се користат искуствата кои постојат и да се изберат најдобрите форми за меѓусебна соработка и размена на податоци од внатрешните царински испостави.
„Потребно е да се ревидираат билатералните спогодби за превоз во патниот сообраќај и да се укинат сите меѓународни транспортни дозволи кои се разменуваат во реципроцитет меѓу трите држави. Потребно е воведување на правилата за „каботажа” кои и во земјите членки на ЕУ се основа за да се сузбие било каква злоупотреба на отворените граници и зголемување на сивата економија. Потребно е особено остручување на лицата вработени во сообраќајна полиција, царинска управа и во транспортниот инспекторат за да се спроведе стручна контрола на секое ниво и да не се дозволи да се развие корупцијата. Потребно е целосно усогласување на законската материја и нејзина имплементација преку стручни државни службеници кои не треба да се политизирани туку професионални лица кои ќе ги заштитуваат правата на нашите стопанственици”, објаснува Муратовска.
Иницијативата „Отворен Балкан“, според транспортерите значи поместување од мртва точка на која како што велат, сите чекавме некој да дојде од надвор и да ни ги реши проблемите кои ги имаме на ниво на развој на економијата а со тоа и раст и развој на нестопанските дејности.
„Со отварање на границите, можностите за меѓусебна размена на стоки и услуги , како и работна сила се основa за првиот чекор кој ќе овозможи пристап до еден поголем пазар за размена на стоки, пазар на трудот и транспортен пазар ако се воспостават правилни системи за здрава конкуренција и се анулираат можностите за развој на сива економија, мито и корупција кои се рак рана на сите три држави кои се дел на „Отворен Балкан“, децидна е Муратовска.
К.В.С.