„Макам транс“ за еколошката такса: Превозниците не се спремни одново да го носат целиот товар

од Берта Китинска

Новaта еколошка такса пред сè се однесува на увозниците и производители на нафтени деривати која ќе ја плаќаат при спроведување на царинските процедури, преку малопродажните цени на горивото ќе се пренесе како обврска на превозниците (големи потрошувачи) и на сите граѓани кои имаат можност и за алтернатива кога се движат на територија на нашата држава. Превозниците немаат алтернатива, но нема алтернатива ни нашата држава затоа што според податоци од статистика 96% од превозот на стока се врши преку патниот превоз, објаснуваат за „Локално“  од македонската транспортна асоцијација – Макам транс.

Оттаму додаваат дека во овие тешки услови ако се зголемуваат трошоците на превозот тоа ќе значи намалување на можноста за остварување на здрава конкурентна основа со други превозници од Европа, односно намалување на делот за заработката и остварувањето на средствата за исплата на солидни плати на возачите, за остварувањето на средства за обнова и проширување на возниот парк.

-Цената на превозот зависи од понуда и побарувачка за вршење на превоз, која понуда на стоки поради пандемијата и намалениот процес на производство е драстично намалена, поради ова на терен цените на превоз не можат да се зголемат, но затоа корисниците на превоз си ги вкалкулираат во цената на производите т.н зголемена цена и остваруваат екстра профит на маката на превозниците.Со овој предлог на Влада кој е утврден на 82-та седница, а се спроведува според начелото “загадувачот плаќа“ се доведуваат во нерамноправна улога сите оние превозници и граѓани кои вложувале и вложуваат во возила кои имаат вградени специјални уреди за прочистување на издувните гасови од возилата, а средствата кои се уплатуваат за истите се далеку повисоки во споредба со сите оние кои управуваат возила кои се без еуростандард или имаат од Е1 до Е3 еуро стандард и се постари од 20 години, коментираат од асоцијацијата.

На прашањето дали се подготвени да понесете дел од обврската за спорведување на највената зелена агенда со оглед на тоа што државата им помогна на транспортерите кога и беше најтешко од „Макам транс“ коментираат дека придонесот на превозниците за државата како големи потрошувачи на погонско гориво во целиот овој период е огромен и дека тие имаат помогнато да се соберат средства во буџетот на државата за сите други мерки кои се спроведуваа, за разлика од некои дејности кои што се ослободени од било какво зафаќање во нивниот приход, па дури им се овозможи и зголемување на средствата.

-Асоцијација Макам-транс е претставник на превозните трговски друштва кои претежно превезуваат стока и во изминатиот период беа хероите на денешницата затоа што во ниеден момент не застанаа со својата работа иако условите за превоз во меѓународни рамки беа екстремно тешки. Во една држава која е увозно ориентирана прекинување на превозот на стока ќе значеше празни продавници, производители без репроматеријали, бензиски пумпи без гориво, болници и аптеки без лекови и други неопходни средства, но сепак продолжија со работа иако деновите за извршување на превоз се зголемија поради малата понуда на стока за превоз. Превозниците на стока искористија многу малку од понудените средства за помош од државата како што беа бескаматни кредити и делови за надомест на плата, но претежно сами се финансираа од резервите кои ги имаа затоа што секоја помош значеше враќање на средства во постковид периодот, објаснуваат од транспортерите.

Превозниците велат дека исто така треба  да потенцираат дека добиле т.н “антикризна мерка“ со зголемување на акцизата за 3 денари, чии износ заедно со цената на горивото се плаќала до неодамна затоа што така било напишано во Уредба со законска сила се пренесе и како законска обврска во Закон за акцизи.

-Најинтересно е тоа што во Законот за акциза наместо да се предвиди враќање на дел од акцизата за сите кои вршат комерцијални превози согласно директивата 2003/96/ЕЗ, како што е примерот во државите членки на ЕУ, Србија и Босна и Херцеговина, кај нас тоа право се даде само на потрошувачите на гасно масло за греење кои и те како се загадувачи на животната средина. Без овој елемент да се вгради во законот за акцизи и да се овозможи реципроцитет во враќање на дел од акциза и од другите држави каде превозниците полнат гориво истите се ставаат во неповолна конкурентна позиција на европскиот пазар. Враќање на дел од акциза се спроведува за комерцијални превози со цел да се намали влијанието на инфлацијата на сите производи кои се превезуваат.Со зголемување на цената на нафтата на светската берза цената на горивата се вратија на нивото пред пандемијата, а со тоа се активира механизмот со кој се престанува да се наплатува дополнителната акциза од 3 денари, а со воведување на еколошката такса значи одново товарот треба да го носат превозниците кои и без тоа плаќаат три вида на еколошка такса и дополнително во поедини општини плаќаат и комунални такси за патната инфраструктура при регистрација на возилата, потенцираат од „Макам Транс“, додавајќи дека согласно Законот за животна средина тие плаќаат неколку вида на еколошка такса и тоа:

– Висината на надоместоците за увоз и извоз на употребувани моторни возила за превоз на стока (член 179 став 7 точка 4), надоместокот се одредува согласно вкупната маса на возилата каде за возила што надминуваат бруто маса над 20Т се плаќа 12.500,00 денари,

– Висина на надоместоци за моторни возила и пловни објекти при регистрација на истите и тоа преку делот кој го покрива задолжителното осигурување на возилата се пресметка од 4% односно 2% од основното осигурување зависно од тоа дали возилата имаат или не прочистувач-катализатор (член 180 од законот) и

– Во член 184 од законот се утврдува висината на надоместоците за нафтени деривати кои во моментот се движат во зависност од видот на дериватот во следните износи: од 0,15; 0,08; 0,03; 0,04 и 0,05 ден/л – споредено со новиот предлог на владата кој предвидува оваа еколошка такса да се зголеми на 3,5 односно 3,1 денари/л. Обврската е за увозниците и производителите на нафтени деривати, но ние како големи потрошувачи на погонско гориво ќе ја платиме преку малопродажната цена на нафтените деривати.

Според наведените такси асоцијацијата потенцира дека превозниците во пандемијата го понеле најголемиот товар, но не ја стопирале својата гранка во која нема можност за чување на залиха на производот за некои подобри времиња.

-Навистина е време, како што велат претставниците на власта, не ние, туку некои други поголеми загадувачи да ја преземат обврската и да дадат придонес за полнење на средства во т.н фонд за спроведување на зелена агенда затоа што основната цел на оваа измена на Закон за животна средина е согласно начелото “загадувачот плаќа“, но пред се треба да се открие и утврди загадувачот затоа што превозниците не се загадувачи, особено што со години инвестираат сопствен капитал за да набават возила со повисок еуростандард кој е признаен и прифатен и во ЕУ (еуро 5 и еуро 6 возила – регистрирано 5.825 возила), со еден збор НИЕ НЕ СМЕ СПРЕМНИ ОДНОВО ДА ГО НОСИМЕ ЦЕЛИОТ ТОВАР затоа што во изминатите 30 години нема ниту еден проект за обезбедување на средства во вид на грантови или поволни кредитни линии за обновување на возниот парк, напротив во државата и надвор од нејзините граници превозниците секогаш се инструмент за обезбедување на средства во буџетите, затоа што ние сме постојано во движење и не можеме да запреме со вршење на својата дејност, додаваат од „Макам транс“.

Б.М.

Слични содржини