Има ли поголема бекетовска нарација, од онаа во документарниот филм. Може ли на апсурдот да се возврати со радост, и притоа да се даде аплауз за нечија судбина која се интерпретира низ визуелното, звучното и прави од гледачот целосна мала карикатура која набљудува нечиј живот?

Синоќа го гледав документарниот филм „Причест“ на филмскиот фестивал за креативен документарен филм „МакеДокс“. И можеби за првпат сфатив дека документарниот филм ме „поразува“. Овој филм ми кажа нешто друго за естетскиот пристап, кадрите и концептот. Ми покажа дека документарниот филм е повеќе од реалност. Ова не е констатацација за самиот докуфилм, туку за целото визуелно искуство. За момент бев сместена во нечија релност, набљудував интимна приказна на едно семејство. Можеби се случи токму она што годинава е актуелно на „МакеДокс“, а тоа е дека реалноста режира. Синоќа не гледав филм, туку бев дел од нечиј живот. Таму каде почнува онаа побуда за менување на општествениот, социјалниот конструкт таму документарниот филм ја исполнува својата заложба. Стопирав со впечатоците за техничкиот пристап во филмот, почнав да разислувам за документарниот филм како визуелизација на внатрешна преобразба на гледачот.
Филмот портретира дисфункционално семејство, каде главен протагонист e малолетна ќерка која се труди да го одржи семејството заедно. Тој најискрен порив, архетип на среќа што се разводенува во секојдневните проблеми. „Причест“ е филм кој наметнува прашања за религијата, и прави паралела за реалниот свет и оној симболниот, замислениот. Апсурдот е во тоа што љубовта, верата и надежта ги содржи само оној кој има вистинска причина да истрае во замислата и покрај разочарувањето од крајниот резултат. Религијата, неуспехот го претвора во мотив, а секојдневието ја исклучува религиската апотеза.
Во „Причест“ полската режисерка Ана Замецка, направила авторска дистанца која исклучително функционира во визуелниот наратив. Таа не се обидува да додаде дополнителна визуелна нарација, туку успешно ги портретира емоциите и внатрешната состојба на карактерите. Овој филм го поставува прашањето за идеалот на семејството и улогата на мајката, таткото и децата, во оној момент кога родителите ја напуштаат одговорноста. Можеби важноста за семјните релации кои почиваат на разбирање и грижа, се поочигледни кога ќе се соочиме со ваква доку приказна.
„Причест“ е документраен филм за апсурдот и неговиот парадокс. За исклучителната замисла за среќа, која исчезнува во декалогот./ Вероника Камчевска