Македонци може да се пријават на конкурсот за вработување на полицајци на северот на Косово

од Nikola Popovski
270 прегледи

Косовската полиција вчера објави конкурс за вработување на полициски службеници на северот на Косово, откако во ноември минатата година околу 500 српски полицајци поднесоа оставки во знак на протест поради најавата на приштинските власти дека ќе ги казнат возачите на автомобили со регистарски таблички издадени од Белград.

Како што се наведува во соопштението на косовската полиција, конкурсот е објавен за припадници на сите малцинства (Срби, Бошњаци, Турци, Горани, Роми, Ашкали, Египќани, Хрвати, Црногорци, Македонци) во регионалната дирекција на косовската полиција Митровица Север.

Конкурсот ќе биде отворен од утре, 19-ти април, до 12-ти мај во 16 часот.

Како што информира „Коссев“, во полициското соопштение не е наведен бројот на службеници кои ќе бидат ангажирани преку овој конкурс.

Според полицијата, кандидатите кои ќе се пријават на конкурсот треба да ги исполнуваат следниве критериуми:

1. Да поседуваат косовско државјанство;

2. Да имаат помеѓу 18 и 30 години;

3. Да имаат завршено средно образование;

4. Дека се во добра физичка, ментална и емоционална состојба;

5. Да не се осудени за никакво кривично дело;

6. Да немаат тетоважи на видно место (лице, врат, раце);

7. Да имаат висок интегритет и етички вредности.

Косовската полиција во јануари годинава распиша конкурс за регрутирање на полицајци од малцинствата во четири општини на северот на Косово.

Конкурсот требаше да трае до 16-ти јануари, но беше продолжен до 10-ти февруари.

Како што пренесува „Коха диторе“, на тој конкурс се пријавиле 140 кандидати, од 500 побарани.

Околу 500 полицајци поднесоа оставки во ноември минатата година во знак на протест против одлуката на властите во Приштина да ги пререгистрираат автомобилите со српски регистарски таблички во таблички со назнаките РКС.

Слични содржини