Македонците во Албанија бараат од Тирана да ја забрани активноста на фондацијата „Бугарска меморија“

од Nikola Popovski
37 прегледи

Претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски побара од албанските власти под итно да ја забранат активноста на бугарската фондација „Бугарска меморија“ поради „длабока загриженост за тековните напори на бугарските власти и споменатата фондацијата да ја асимилираат македонската заедница“. Тој директно му се обрати на албанскиот премиер Еди Рама, посочувајќи дека ваквите активности претставуваат сериозно мешање во внатрешните работи на Албанија.

Според Стерјовски, фондацијата „Бугарска меморија“, поддржана од различни бугарски структури, е вклучена во корупција на албанските функционери преку донации, со цел да се создаде криминална мрежа која се занимава со асимилација на Македонците во Албанија. Тврди дека вршат манипулација со пописните податоци во областите со македонско малцинство и издавање лажни потврди за бугарско потекло и помош во бизнисот со бугарски пасоши.

Објавата од 27 октомври 2022 на интернет страницата на бугарската фондација предизвика бурни реакции во Македонија, пред се̍ затоа што македонски студенти беа етикетирани како истомисленици на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола. На чело на фондацијата е бизнисменот Милен Врабевски.

Како потсетување, со отворањето на бугарскиот клуб ,,Ванчо Михајлов” во Битола, чиј финансиер е Врабевски, започнаа да растат и тензиите помеѓу граѓаните на Македонија и Бугарија. Отворањето на клубови именувани според контроверзни историски личности ги вознемири македонските граѓани, и на денот на отворањето во Битола, а подоцна и во Охрид беа организирани протести.

Стерјовски неодамна во интервју за албанската телевизија „МЦН“ изјави дека македонската заедница во Албанија е над 100 илјади на целата територија.

Лани во месец јули, претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов му се закани на Стерјовски, поради изјавите дека во Албанија нема Бугари.

-Македонскиот политичар во Албанија, Васил Стерјовски набрзо ќе биде клиент на Обвинителството во Тирана. Причина: Сее омраза во албанското општество, тврди дека во Албанија нема Бугари и така го попречува правото на национално самоопределување, објави тој тогаш на својот Фејсбук профил.

Стојанов, навредувајќи го Стерјовски, рече дека ќе одговара пред судот и полицијата за изјавите во медиумите дека „нема Бугари во Албанија“. На Стојанов му е изречена доживотна забрана за влез во земјава. Ова го изјавил самиот тој за бугарскиот портал „Лупа“ во 2023 година. Стојанов веќе имаше забрана за влез во времетраење од една година и 3 месеци. Кога му завршила казната, се упатил кон Скопје, но како што вели, бил вратен назад на граница бидејќи забраната му беше продолжена на неодредено време.

Виктор Стојанов е познат по тоа што во март 2021 година преку граничниот премин Деве Баир проба да внесе во земјава 920 бугарски книги кои биле наменети за Бугарскиот културно-информативен центар, но тогаш Царинската управа ги врати книгите назад во Бугарија. По ова, реагираше Амбасадата на Бугарија во Македонија, која испрати протестна нота до македонското Министерство за надворешни работи.

Фондацијата претходно делеше отпечатени примероци од изданието „Голема бугарска читанка или вториот дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за македонските Бугари“. Фондацијата „Македонија“ не крие дека за своите операции и дејствија веројатно се консултираат и координират со официјалните бугарски институции, што може да се забележи од објавените заеднички фотографии со директорката на Бугарската агенција за дијаспора.

Слични содржини