Македонците во Албанија бараат од Тирана да ја забрани фондацијата „Бугарска меморија“

од Nikola Popovski
166 прегледи

Единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) упати остра реакција до албанската влада, која како што велат, дозволува фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија непречено да ја шири својата пропаганда во регионите во Албанија каде што живеат Македонците.

Според партијата, последниот пример за ова е „донацијата, во која беше и модуларната амбуланта за селото Глобочени, Општина Пустец“.

-Ние не сме против донации кои го подобруваат животот на македонската заедница, но, гневни сме затоа што оваа фондација ги користи овие активности за да ги манипулира историските факти и да ги претстави Македонците како Бугари, изјавил за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.

Албанската влада, додава тој, има обврска да инвестира во регионите каде што живеат Македонците во Албанија и да ги „заштити нашите права и идентитет од бугарската агресија”.

Реакцијата следува откако во неделата првите луѓе на споменатата фондација, во присуство на бугарскиот амбасадор во Тирана, Ивајло Киров, за општина Пустец донираа комплетно опремена модуларна амбуланта, клупи за седење за селата, копир и принтер апарати за општинската администрација.

Во јули годинава, фондацијата „Бугарска меморија“ на Милен Врабевски од Бугарија, преку адвокатска канцеларија од Тирана, поднесе тужба во Основиот суд во Корча против МАЕИ и нејзиниот претседател Стерјовски.

Фондацијата бара од судот во Корча „да ја натера МАЕИ да и ја надомести нематеријалната штета, во износ од 10 илјади евра, предизвикана како резултат на ширење клеветнички и навредливи изјави кои го нарушуваат угледот”.

Исто така, бара МАЕИ на својата официјална веб-страница и весници да објави извинување и истото извинување со допис да го испрати до оние државни и меѓународни институции каде што го испратила претходниот допис со „клеветнички и навредливи изјави” и „да ги плати судските трошоци”.

Тужбата на фондација „Бугарска меморија” следува по дописот кој МАЕИ на 24 јануари годинава го испрати до премиерот на Албанија, Еди Рама, највисоките албански институции и странските амбасади, во кој бараше забрана на активностите на фондација „Бугарска меморија” во Албанија.

Oва следува откако се преполовил бројот на Македонци по ланскиот попис во Албанија. Според податоците на тамошниот Институт за статистика објавени денеска, како Македонци се изјасниле 2.281 или двојно помалку во споредба со пописот во 2011-та година кога биле евидентирани околу 5.500.

За првпат, во малцинствата се појавуваат и Бугари. Дури 0,3 отсто од попишаните или над 7.000 се изјасниле дека припаѓаат на бугарската етничка заедница. Зголемувањето на Бугари за сметка на Македонците според претседателот на единствената македонска партија е пописен геноцид одобрен од Албанија.

Пописот во Албанија се спроведуваше минатата есен, а македонското малцинство се пожали на закани од бугарски здруженија кои барале Македонците да се попишат како Бугари.

Слични содржини