Македонскиот државјанин Даниел Лазаревиќ кој е оженет за Украинка со своето семејство се наоѓа во централниот дел на Украина во близина на Кременчук кај Дњепар.
Даниел во разговор за „Утрински брифинг“ сведочел за моменталната ситуација во Украина.
„Моментално сум во Централна Украина, блиску до реката Дњепар. Моментално нема овде воени случувања, но ситуацијата е напната и луѓето не очекуваа дека вакво нешто може да се случи. Се слушнаа неколку ракети како пролетаа, но не видовме авиони, хеликоптери. Моментално овде е мирно“, изјавил Македонецот.
Според Даниел, во делот каде што тој е сега нема проблеми со снабдувањето во продавниците со намирници:
„Продукти во продавниците има, но не можеме да купиме поголеми количества, оти се гледа се да се распореди на жителите кои живеат тука. Скривници има. Претежно тука се куќи и секоја куќа има свој подрум“, вели тој.
За можноста да се врати во Македонија заедно со своето семејство, Даниел вели дека досега не добил одговор од македонското МНР:
„Јас пред два дена воспоставив контакт со македонското МНР, бидејќи имам две деца. Ќеркичката две години, синот девет. Доколку има контингент за повлекување ми рекоа дека ќе ми се јават, но веќе 30 саати немам одговор“.
Даниел вели дека за оваа ситуација виновни се политичарите од двете страни.
„Војната не е убава за никого, се знае кој профитира. Не му го посакувам ова на никого. Обичниот народ ги губи животите на своите синови и ќерки. Би ги обвинил политичарите од двете страни. Доколку сакаат може да седнат и да разговораат. Тие се вжештени глави, а народот ќе страда“, вели тој.