Република Северна Македонија ќе испрати официјално барање за отворање на официјален македонски културен центар во Благоевград, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски повика на зближување на двете страни и да не се користи реторика во спротивна насока. Според него, луѓето од Македонија кои сакаат да присуствуваат на утрешното отворање на клубот „Никола Вапцаров“ можат слободно да го сторат тоа.
-Во однос на тоа на кој начин е регистриран, останува на институциите на Бугарија да проценат, исто како што формирањето на бугарските клубови во нашата држава останува на оценка на нашите институции, вели премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање и додаде дека клубот е финансиран од приватни лица.
Истовремено, Скопје ќе поднесе официјално барање до Бугарија за отворање на официјален културен клуб во Бугарија во Благоевград, рече премиерот, но не прецизираше кога тоа ќе се направи.
-Kако што имаме во Софија, Тирана и Сараево и други градови преку кој ќе може да се негуваат македонската култура и литература и граѓаните кои се самоопределуваат како Македонци да дојдат во контакт со неа, додаде тој.
-Македонскиот културен клуб, кој утре ќе биде отворен во Благоевград, е дело на неуставна организација, која не е регистрирана според бугарските закони, изјави вршителот на должноста премиер на Бугарија, Галаб Донев по свеченоста со која се означи почетокот на изградбата на делот од Коридорот 8 во Република Северна Македонија.
-Ќе се погрижиме овој клуб да не проповеда и застапува идеи спротивни на нашите закони, нагласил Донев како одговор на новинарско прашање.