МАКЕДОНИЈА ЦЕЛ НА ХИБРИДНИ НАПАДИ: „Да се искористи членството во НАТО и со партнерска помош да се подготват институциите“

од Nikola Popovski
348 прегледи

Средните и основните училишта, трговските центри, станбените згради, министерствата и другите институции во земјав речиси три месеци се цел на лажни дојави за поставени бомби. Полицијата досега соопшти дека до обвинителството е поднесена само една кривична пријава против едно малолетно лице. Тој е осомничен дека креирал е-пошта од компјутерот на мајка му преку провајдер кој нуди шифрирана и комуникациска заштита и на 4-ти декември испратил заканувачки пораки за подметнување експлозив во четири средни училишта. Но, дека тој не е вистинската личност зад сите извештаи покажа и тоа што дојавите продолжија да пристигнуваат. Заканувачки пораки од анонимна електронска адреса речиси секојдневно стигнуваат до институциите во последните три месеци. Не се пронајдени бомби, но алармот што го вклучија овие лажни тревоги шири паника меѓу луѓето и ја исцрпува полицијата.

Универзитетскиот професор по безбедност и меѓународен тероризам, Ице Илијевски во разговор за „Локално“ вели дека според зачестеноста на дојавите за бомби, начинот на испраќање на пораките, тајмингот, средствата кои се користат за дојавување и сл. може да констатираме дека станува збор за хибридна закана која е добро испланирана и организирана.

Проф. Ице Илијевски

Сепак, според него, останува прашањето што е карактеристично за хибридните закани односно хибридното војување во кое може да бидат вклучени државни и недржавни актери за остварување на своите цели?

-Нападите често вклучуваат различни методи преку употреба на дезинформативна кампања, лажни вести, субверзивно разузнавање, сајбер-напади, саботажа и сл. па дури и поддршка од сепаратистички и терористички групи. Ваквите дојави за бомби дефинитивно се дел од дестабилизирачките тактики насочени кон нашата земја и земјите од регионот. Психолошко-пропагандната димензија има сериозно влијание кон поделба на општеството, недоверба во институциите, дефокусирање од носење на важни политички одлуки и секако предизвикување страв и несигурност кај населението. Тоа беше постигнато со последните случувања. Не случајно се избрани училиштата како таргет. Кога е во прашање безбедноста на децата напаѓачите си поигруваат со чувствата на родителите, наставниот кадар и граѓаните, објаснува професорот.

Во однос на тоа кој стои позади ваквите хибридни закани, посочува Илијевски, е прашање за кое и институциите немаат конкретен одговор бидејќи е многу тешко да се открие и да се докаже.

-Засега можеме само да шпекулираме. Најчесто ваквите напади се извршуваат од центри кои се надвор од државата која им е таргетирана за напад, но од каде доаѓаат можеме само да претпоставуваме со оглед на мотивот, но и актуелните политички и безбедносни случувања ако ги земеме предвид, ни рече соговорникот.

Илијевски потврдува дека многу е тешко да се открие и докаже сторителот на овие активности.

-Во конкретниот случај надлежност за откривање имаат Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам во соработка со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и секако Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР. Евидентно е дека Северна Македонија е дел од бранот на закани со лажни дојави за бомби кој го зафати регионот, а примери имавме во Србија, Црна Гора, Косово и други држави. Ваквите лажни дојави за бомби во регионот и кај нас ја наметнуваат потребата релевантните безбедносни институции да го зголемат нивото на подготвеност, меѓународна соработка и размена на информации доколку пораките што се испраќаат се меѓусебно поврзани и имаат иста цел – да поттикнат страв, хаос и паника кај граѓаните и со тоа да го дестабилизираат општественото и политичкото уредување, наведува тој и верува дека безбедносните служби веќе ги лоцирале електронските адреси од кои се испраќале мејловите и дека се преземаат и други дејствија за расчистување на случајот.

За тоа дали и колку може НАТО да ни помогне во оваа ситуација, Илијевски вели дека членството во НАТО ни овозможува пристап и користење на ресурсите и капацитетите на Алијансата за справување со хибридните закани и овозможува зголемување на отпорноста кон истите.

-Нашата држава може да побара специјализирана помош од сојузниците за справување и одговор со ваквиот тип на хибридни закани што може да значи брза размена на информации, искуства и добри практики, што верувам дека веќе е направено и дека поддршката ја имаме, оценува професорот.

Додава дека НАТО има формирано повеќе меѓународни истражувачки центри (Центри за извонредност) кои работат заедно и придонесуваат со знаење и експертиза за Алијансата. Европскиот центар за извонредност за борба против хибридни закани лоциран во Финска служи како центар на експертиза, помагајќи им на земјите-сојузници да ги подобрат нивните цивилно-воени способности, отпорност и подготвеност да се спротивстават на хибридните закани.

Според него, сериозноста на заканата со бомба е очигледна сама по себе поради потенцијалот за широко распространето уништување што може да го изврши експлозивната направа, во споредба со другите оружја што обично се насочени кон одредени цели.

-Меѓутоа, иако, заканите за бомби во овие случаи се лажни (односно воопшто нема бомба), пристапот и реакцијата на органите мора да биде како да постои вистинска бомба. Поголемиот дел од истражувањата на оваа тема се насочени кон развивање два вида одговори: (1) план за интервенција насочена за спречување на закани и намалување на нивната штета доколку се изврши и (2) протокол за одговор во случај да се случи вистинска закана со бомба или инцидент, укажува професорот во разговор за нашата редакција.

Тој се осврнува и малолетникот кој беше уапсен и кој имаше поврзаност со дел од дојавите.

-Поднесената кривична пријава против малолетно лице кое инспирирано од претходните дојави за бомби претставува изолиран случај, а тоа покажува и брзата реакција на безбедносните органи. Во другите случаи се исклучени можностите дојавите за бомби во училиштата да бидат од некои други мотиви од поединци како што имало случаи тоа да биде: хумор, омраза, фантазија, одмазда и сл. Затоа потребно е фокусот да биде ставен на хибридните закани кои бараат хибриден одговор.

Професорот порачува дека во периодот што следи ваквите хибридни закани во различни форми и со различен интензитет ќе бидат сѐ почести имајќи ја предвид нашата европска агенда.

-Она што ни е потребно е зголемување на ефикасноста и квалитетот на нашите институции преку професионализација на кадрите, модернизирање на техничките можности и јакнење на институционалната соработка на национално и меѓународно ниво за препознавање и превенирање на хибридните закани. Северна Македонија треба да го искористи членството во НАТО и со партнерска помош да ги подготви институциите и да ја зголеми отпорноста од хибридните закани, дециден е Илијевски.

Н.П.

Слични содржини