Македонија е „цикличен хибрид“ и бележи назадување во борбата против корупцијата, покажува извештајот на „Фридом хаус“

од Nikola Popovski
279 прегледи

Демократското владеење во регионот кај земјите во транзиција се влошува дваесетта година по ред, констатира невладината организација „Фридом хаус“ во својот извештај за состојбата на демократијата во овие земји во 2023 година.

Тековните напади врз основните слободи од страна на евроазиските автократии и влошувањето на демократските институции во земјите означени како хибридни режими (со карактеристики и на авторитарен режим и на демократско владеење) лесно ги надминуваат скромните придобивки што ги постигнале европските демократии минатата година. Од вкупно 29 земји (Македонија, Азербејџан, Албанија, Ерменија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Естонија, Казахстан, Киргистан, Косово, Латвија, Литванија, Молдавија, Полска, Романија, Русија, Словачка, Словенија, Србија, Таџикистан, Туркменистан, Узбекистан, Украина, Унгарија, Хрватска, Црна Гора и Чешка) кои се опфатени во извештајот, 10 имаат пад во рангирањето на демократијата, а само пет ги подобриле своите позиции.

„Циклични хибриди“, е групата во која е ставена Македонија во најновиот извештај, кој предупредува на долготрајната корупција на високо ниво во земјава, а го забележува и судирот на партиите околу уставните амандмани потребни поради бугарското вето за пристапување на земјата во Европската Унија.

„Цикличен хибрид“ се карактеризира со редовни промени во владејачката елита коишто не дозволуваат со време да дојде до суштинска структурна промена. Имено, се работи за „комбинација на реален политички плурализам и површни институционални промени“, објаснува Фридом Хаус илустрирајќи го тоа во случајот на Северна Македонија со примерот на поранешниот премиер Никола Груевски кој е во егзил од 2017.

„За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде позначајни чекори за елиминирање на корумпираните мрежи, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на неколку исти партии, како што беше со децении. Националистичката партија на Груевски ја опструираше работата на парламентот додека беше опозиција и сега е фаворит да победи на изборите во 2024 година“, наведува Фридом Хаус во годишиот извештај.

Слични содржини