Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ денеска од Кочани испрати нова порака. На Споменикот на слободата во Кочани осамна транспарент со зборовите „Македонија ги губи своите деца“.
„Споменикот на слободата во Кочани е сведок на борбата, жртвата и истрајноста на народот за праведност и слобода. Денес, истиот тој народ ги губи своите деца. Не од војна, туку од системска негрижа, од молк и неодговорност.
Споменикот, кој некогаш симболизираше победа над неправдата, денес стои нем како сведок на уште една тивка трагедија. Нашата порака “Македонија ги губи своите деца” ја испраќаме тука токму затоа што овој простор мора повторно да стане место на отпор и сеќавање, не само на минатото, туку и на болната сегашност.
Борбата за правда е жива, секојдневна и сеприсутна. Ќе продолжиме да зборуваме гласно, затоа што гласот на жртвите не смее да биде игнориран. Слободата за која се бореле пред нас, ја должиме на тие што денес ги нема“, стои во објавата на граѓанската иницијатива.
Вчера беше откажан музичко-забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани. Ваква одлука вчера донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да започне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.
Денеска во 18:05 часот ќе започне четиринаесеттиот „Марш за ангелите“, организиран од граѓанското здружение „16 март 2025 – Кочани“.