Македонија гласаше воздржано за Резолуцијата со која се бара од Израел да го прекине присуството на палестинските територии

од Nikola Popovski
267 прегледи

Генералното собрание на Обединетите нации во средата усвои резолуција подготвена од Палестина со која се бара Израел да го прекине „незаконското присуство на окупираната палестинска територија“ во рок од 12 месеци. Резолуцијата беше поддржана од 124 земји, 43 беа „воздржани“, а Израел, САД и 12 други гласаа „против“. Македонија се најде меѓу земјите кои гласале воздржано.

Овој потег го изолира Израел само неколку дена пред светските лидери да заминат во Њујорк на годишниот собир на ОН. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да се обрати на 193-членото Генерално собрание на 26 септември, истиот ден кога и палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Резолуцијата го поздравува советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата во јули, според кое израелската окупација на палестинските територии и населби е незаконска. Резолуцијата на Генералното собрание ги повикува државите да „преземат чекори за да го прекинат увозот на какви било производи кои потекнуваат од израелските населби, како и снабдувањето или трансферот на оружје, муниција и поврзана опрема за Израел (…) каде што има разумни основи за се сомневаат дека би можеле да се користат на окупираната палестинска територија“.

Ова е прва резолуција официјално предложена од палестинската управа откако овој месец доби дополнителни права и привилегии, вклучително и место меѓу членките на ОН во комората и право да предлага нацрт-резолуции. Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд ги повика земјите да гласаат против. Вашингтон, снабдувачот со оружје и сојузник на Израел, долго време се спротивставува на едностраните мерки кои ги уништуваат изгледите за решение со две држави.

Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата не е обврзувачко, но има тежина според меѓународното право и може да ја ослаби поддршката за Израел. Резолуцијата на Генералното собрание на ОН исто така не е обврзувачка, но има политичка тежина. Нема право на вето на Генералното собрание.

Амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон, во вторникот го критикуваше Генералното собрание што не го осуди нападот врз Израел на 7 октомври од страна на палестинските милитанти Хамас, што го предизвика израелскиот напад врз Појасот Газа, кој е под контрола на Хамас.

„Да го наречеме ова со вистинското име: оваа резолуција е дипломатски тероризам, кој ги користи алатките на дипломатијата не за да гради мостови, туку за да ги уништи“, рече израелскиот амбасадор.

Македонија гласаше воздржано и за Резолуцијата на ОН од 30 октомври лани, со која се повикуваше на итно хуманитарно примирје во Појасот Газа. Тогаш таа резолуција доби 120 гласа „за“, 14 „против“ и 45 „воздржани“.

Слични содржини