Денеска се отвори новиот скијачки центар „Михајлово“. Од општина Кавадарци нагласуваат дека овој проект ѝ донесува на Македонија современ скијачки центар, сместен во срцето на Кожуф планина.
Покрај природниот снег кој изминатиот период го покри Михајлово и сеуште паѓа, се подготвува и дополнителен вештачки снег со топови. Со возила се чистат патните правци кон селата Страгово, Бохула,Чемерско, Михајлово и Мрежичко, со цел безбедно одвивање на сообраќајот за сите кои гравитираат во овие делови.
На денешното отворање присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
-Ова е исклучително голема можност за кавадарчани, но не и само за кавадарчани туку од сите краеви на државата да дојдат да уживаат во овие прекрасни природни убавини, да се рекреираат и навистина би сакал ова да биде еден почеток само, а понатаму уште повеќе да се развива и самото место и самиот регион затоа што навистина самата планина и сето ова коешто е околу оваа ски- стаза е нешто што претставува природна реткост, порача премиерот, придружуван од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Уште претходно, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев објави дека овој скијачки центар ќе располага со ски-лифт во должина од 370 метри и капацитет од 600 лица на 1 час, скијачки појас со капацитет од 800 лица, четири сезонски вртелешки, мобилна пумпа, црево со висок притисок 5 броја по 20 метри мах 20 бар, филтри 4 броја, хидрант 4 броја, снежни топови 2 броја и заштитна мрежа 20 броја.
Првата ски-патека ќе го носи името „Македонија“.
Инвестицијата за овој центар се донација од 231.660,00 евра, од кои 115.000,00 евра се средства донација на Комерцијална банка, а 115.000,00 евра се донација од Кожувчанка ДОО.