Првиот натпревар од второто квалификациско коло од Конференциската лига меѓу екипите на Македонија Ѓорче Петров и ЦСКА Софија сепак ќе се одржи во Скопје, на терените на ФФМ во Аеродром.
Веста ја соопштија претставниците на тимот од скопската населба Ѓорче Петров.
Натпреварот ќе се игра според планираното, со почеток во 17:30 часот, а главен судија ќе биде Бран Ван Дриш од Белгија.
Во текот на изминатата недела се појави варијанта, според која средбата требаше да се одржи во Струмица, на предлог на МВР, поради зголемен број настани во главниот град и ангажмани на СВР Скопје.
Предвидено е гостите од Бугарија да добијат 60 карти, согласно правилата на УЕФА за гостински навивачи.