Генералното собрание на ОН синоќа усвои резолуција со која се повикува на сеопфатен и траен мир во Украина. Резолуцијата ја поднесоа Украина и 45 други земји, а 107 земји гласаа за неа, вклучувајќи ги речиси сите членки на ЕУ, а покрај нив и Македонија. Русија беше јасно против резолуцијата, додека Унгарија, Србија и САД гласаа „воздржано“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалната мрежа „X“ упати благодарност до 107-те земји кои застанаа зад Украина во Обединетите нации во одбрана на животот, а прикачи и слика од табелата на која се гледа која земја како гласала.
„Генералното собрание ја усвои нашата резолуција во поддршка на траен мир, со јасни повици за целосен прекин на огнот и враќање на нашиот народ. Ова се правилни и неопходни чекори и ние ќе продолжиме активно да работиме за постигнување мир со нашите партнери“, напиша Зеленски.
Во резолуцијата се истакнува регионалното и глобалното влијание на војната и се изразува „сериозна загриженост“ поради континуираните напади на Русија врз „цивили, цивилни објекти и критична енергетска инфраструктура“ што ја влошуваат хуманитарната ситуација.
Беше потврдена силната посветеност на Генералното собрание на „суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет“, вклучувајќи ги и територијалните води на Украина.
Таа повика на „итен, целосен и безусловно прекин на огнот“ и повика на „прекинување на размената на воени заробеници, ослободување на сите нелегално притворени лица и враќање на сите насилно раселени или депортирани цивили, вклучително и деца, како клучна мерка за градење доверба“.
Американците, од друга страна, беа воздржани бидејќи побараа одвоено гласање за одредени формулации во резолуцијата.
Заменик-амбасадорката на САД во ОН, Тами Брус тврди дека американската администрација верува дека одредени формулации во резолуцијата веројатно ќе го одвлечат вниманието од тековните преговори, „наместо да ја поддржат дискусијата за целиот спектар на дипломатски патишта што можат да доведат до траен мир“. Заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Маријан Беста, го нарече тоа „длабоко загрижувачко и неприфатливо“.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека војната во Украина останува „дамка на нашата колективна совест“ и го повтори повикот за итно прекин на огнот.