Премиеорот Димитар Ковачевски денеска од Софија изјави дека клучна тема на разговорите со неговиот бугарски колега била енергетската криза.
-Ако пред две години се соочивме со пикот на пандемијата, која го затвори светот, годинава се соочуваме со нова криза, недостиг на електрична енергија, скапи енергени и раст на цената на струјата. Како одговорни политичари и влади, имаме обврска пред граѓаните и стопанството се што е во наша моќ и можности, да ги направиме најдобрите услови во време на ваква криза. Затоа сме денеска тука, заедно со соседна Бугарија, да се обидеме да најдеме решение за снабдување со електрична енергија под услови кои ќе бидат оптимални за стопанството, рече Ковачевски на прес-конференцијата со бугарскиот премиер Донев.
Македонскиот премиер информира дека се договориле со Бугарија веќе во среда, да се формира работна група, составена од Министерствата за економија, бугарското Министерство за енергетика, АД ЕСМ и другите компании во Бугарија.
-Ќе се разговаа за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија, во однос на цените дефинирани согласно легислативите на Бугарија, директивите и легислативите на ЕУ и легислативите на РС Македонија. Исто така разговаравме и за количините кои се потребни кај нас, со оглед на тоа дека Бугарија е извозник на електрична енергија. Разговаравме и во однос на поврзување на нов интерконектор на гас, наведе Ковачевски.
Премиерот смета дека за помалку од две недели, со работната група ќе имаме решение кое што ќе биде на обостран интерес на Македонија и Бугарија и на двете стопанства.