Македонија и Грција го решија спорот, Заев и Ципрас номинирани за Нобелова награда за мир

од desk4
154 прегледи

Македонија и Грција по речиси три децении во јуни годинава успеаја да постигнат договор за спорот за името, што беше главна препрека за интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО.

Вратите за Македонија во Северноатланската алијанса и ЕУ се отворени, земјата очекува во 2019 година да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите за членство во ЕУ, а Договорот од Преспа им донесе на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас номинација за Нобелова награда за мир.

Македонија согласно договореното ќе се преименува во Република Северна Македонија, а државјанството останува македонско/државјанин на Република Северна Македонија. Во земјава во тек се уставните измени со кои ќе се спроведе договорот. Уставните амандмани влегоа во трета фаза, се очекува пратениците за нив да се изјаснат на пленарната седница, закажана за 9.

Потоа на потег е грчкиот Парламент да даде поддршка за договореното, а со ратификацијата од страна на грчките пратеници се очекува и потпишувањето на протоколот за членство на Македонија во НАТО.

Опозициите во двете земји жестоко се противат на договорот. И двете опозиции сметаат дека владите ги издале своите граѓани, нивниот идентитет и ја продале Македонија.

Договорот има голема поддршка од меѓународната заедница, која го оценува како своевиден пример за решавање спорови, во регионот, но и во светски рамки.

Ратификација на Договорот од Преспа

Македонската страна прва го почна процесот. Договорот беше ратификуван набргу по неговото потпишување, а сега се спроведува процесот на уставни измени. Грција будно го следни процесот во сите негови фази, бидејќи од тоа што ќе се случи во земјава ќе зависат и натамошните чекори во соседната земја.

Македонското Собрание на  19 октомври со 80 гласа ја донесе одлуката за пристапување кон уставните измени. Иако потребното двотретинско мнозинство во правата фаза од менување на Уставот беше неизвесно до самиот почеток на гласањето, сепак во последен момент освен 72 пратеници од владејачкото мнозинство за пристапување кон изменување на Уставот гласаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Постапката за измени во Уставот оди во три фази. Две се поминати, во тек е третата, се очекува таа да заврши во јануари 2019.

Во Грција ратификацијата ќе помине ако поддршка на Договорот му дадат најмалку 151 од вкупно 300 пратеници.

Според грчките проценки договорот во нивниот Парламент може да дојде кон крајот на февруари или почетокот на март. Тоа неодамна го потврди и портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, кој додаде дека во грчкиот Парламент ќе има парламентарно мнозинство за ратификација.

-Политичките и парламентарните корелации укажуваат на едно јасно мнозинство што ќе биде широко, рече Ѕанакопулос и објасни дека „целта на Владата е да добие широко парламентарно мнозинство, над 151 пратеник“.

Заев и Ципрас номинирани за Нобелова награда за мир

Двајцата премиери, кои по години спорење меѓу двете земји, блокади, препреки во билатералните односи, препукувања, успеаја да се договорат, кон крајот на декември беа номинирани за Нобелова награда за мир. Номинацијата на Заев и Ципрас во Скопје на 18 декември ја објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи.

Нобеловката Бушамауи рече дека Договорот од Преспа покажува дека две држави заедно се способни да седнат, преговараат и постигнат договор и дека и претставува чест да ги номинира Зоран Заев и Алексис Ципрас за Нобелова награда за мир.

– Номинацијата не е само лично за Зоран Заев и Алексис Ципрас, туку и за сите граѓани. Ова е модел за дијалог и просперитет. Силно верувам дека Македонија или треба да кажам Северна Македонија и Грција ќе ја добијат Нобеловата награда и ќе бидат доказ за светот дека се може да се постигне со договор. Откако ќе биде ратификуван Договорот ќе биде силна порака дека дијалогот е можен, рече нобеловката Бушамауи.

Лидери кои излегле од моделот на балкански политичари

Двајцата премиери, кои откако се обновија преговорите кон крајот на 2017 година првите пробиви ги направија на средбата во Давос, се оценуваат како лидери кои излегле од балканскиот модел на политичари, за кои карактеристика се национализмот, инстистирање на супериорниста на сопствената нација, нејзиното екслузивно митолошко, речиси магиско потекло.

Заев и Ципрас излегле од тие стереотипи, успеале да го согледаат значењето на интегративните процеси, важноста на соработката, пред препукувањата. Секако овие нивни ставови наидоа на осуда во двете земји, но и обвинувања дека се пазарат со државните интереси.

-Договорот од Преспа е единствената добра вест од Европа годинава и ја покажува волјата на двете страни да направат отстапки со цел да се најде решение и да се стави крај на овој долгогодишен конфликт. Сметам дека ќе биде модел за регионот и пример за светот дека дијалогот е можен. Затоа сум тука да го поддржам овој мирен начин на изнаоѓање на решенија, истакна меѓу другото добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Бушамауи во интервјуто што го даде за МИА.

Преспанскиот договор пример за мирно решавање спорови

Договорот е оценет како пример за мирно решавање на транснационалните спорови. Оваа порака неодамна од 18. Меѓународен форум во Доха ја испрати генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

-Договорот меѓу Атина и Скопје е успешен пример за транснационалните напори за затворање на спорни прашања. Договорот ќе има биде од корист за целиот балкански регион, рече Гутереш.

Тој повика на засилување на напорите на меѓународната заедница за решавање и на другите отворени прашања во светот кои предизвикуваат тензии.

А од Договорот, според многумина корист може да имаат пред се Приштина и Белград во обидите да го решат спорот за косовското прашање.

Опозициите во двете земји на иста линија и двете во заштита на македонскиот индентитет

Опозициите и во Македонија и во Грција со став дека не го прифаќаат Договорот, со него се уриваат според едни интересите на Македонците и нивниот идентитет, според другите интересите на Грција и нивните идентитетски обележја. И двете опозиции ги обвинуваат владите дека го поделиле народот.

Македонската опозиција на ставот дека договорот е капилутански за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати побара оставка од шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој според нив ја предал својата држава, ставајќи потпис на договореното заедно со неговиот тогашен грчки колега Никос Коѕијас.

Лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, Христијан Мицкоски постојано повторува дека Договорот е штетен за Македонија, се губи македонскиот идентитет, се распарчува државата, се продава историјата, се поткопува волјата на граѓаните, изразена на референдумот на 30 септември.  Бара оставки од министри во Владата на Заев, но и ТВ дуел со премиерот, кого го обвинува за катастрофална економска состојба во Македонија.

Оставка од шефот на дипломатијата Никола Димитров бара, поради како што, вели, „националните омаловажувања на нашиот народ и заради тоа што не нарече искомплексирана нација“.

-Република Македонија за жал е клекната на коленици. Зоран Заев и СДСМ ја клекнаа и ја зацрнија Република Македонија. Граѓаните немаат доверба повеќе ниту во институциите, ниту пак им веруваат на СДСМ и Зоран Заев. Откако е СДСМ на власт, мафијата си доби држава, а државата и граѓаните секојдневно страдаат. Криминалот по улиците царува, корупцијата е навлезена во сите пори на општеството, судството е заробено од страна на Зоран Заев и СДСМ, е ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници не учествуваат во третата и последна фаза од уставните измени, бидејќи ја сметаат за фарса.

Мицкоски дури и имаше преписка со американскиот државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, кој ја посети земјата за да даде поддршка, а овој му напиша дека Договорот е неприфатлив за партијата, дека е штетен за интересите на нацијата и на земјата и дека не верува дека ќе придонесе за стабилноста,  мирот и безбедноста.

За грчката опозициска Нова демократија Догорот е во интерес на северниот грчки сосед, Ципрас ја продал нацијата и всушност правел политички пазарања за да остане на власт.

Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис останува на ставот дека неговата партија нема да го прифати Договорот од Преспа. Според него Ципрас со договорот не ја спасил Македонија, туку отстапил македонска националност и јазик.

-Господине Ципрас, не ја спасивте Македонија, единствено што направивте е да им дадете македонска националност и јазик на соседите, му порачува тој постојано на Ципрас. Според него Ципрас го поделил грчкиот народ и никогаш не се обидел да создаде услови за национален консензус за решавање на националното прашање, но и дека направил размена со Европејците за да нема кратење на пензиите.

Го обвинува Ципрас дека рекол „да“ онаму каде што шест премиери: Константинос Мицотакис, Андреас Папандреу, Костас Симитис, Костас Караманлис, Јоргос Папандреу, Андонис Самарас, рекле „не“ за признавање на наводен македонски јазик и националност.

Заев и Ципрас остануваат цврсто на ставот дека Договорот е најдобриот можен компромис

Македонскиот премиер Заев бара од Мицкоски пред да го прифати ТВ дуелот со него да каже дали е за членство во НАТО и ЕУ преку прифаќање на Преспанскиот договор, референдумото прашање, на кое лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред референдум не сакаше да даде конкретен одговор и велеше дека секој треба да гласа според свое убедување и својата совест. Доколку не е, Заев бара од Мицкоски да понуди алтернатива.

Заев неодамна изрази уверување дека ќе добие целосна поддршка од пратениците за уставните амандамни и дека процесот ќе се заокружи околу средината на јануари 2019 година. Истакна дека има 76 гласови за уставните измени, но дека се надева дека може да има и повеќе 80.

– Треба да појасниме на сите, да знаат дека не излегоа мечки во амандманите, нема ништо скриено, дебатите се тие. Чесен пристап на имплементација на Договорот од Преспа. Видовте дека имаме инклузивен процес и од албанската заедница. Ја вклучивме целата дијаспора, го зајакнавме македонскиот идентитет. Верувам дека пратениците тоа ќе го поддржат, зашто тие го предлагаа, а претходниот пат не гласаа во Парламентот, истакна Заев.

Ципрас е на став дека левицата не ја продала, туку ја спасила грчката Македонија

-Левицата не ја продава Македонија. Левицата го спасува културното и историското наследство на грчката Македонија. Ова го прави левицата со Договорот од Преспа, порача грчкиот премиер неодамна од партискиот политички настан организиран од СИРИЗА во Солун.

Ципрас  вели дека цели 25 години национализмите и од двете страни на границата спречувале секаков обид за решение, а тие постигнале решение „во корист на Грција, на грчката Македонија, на Балканот и во корист на мирот, соработката и заеднички развој во регионот“.

-За нас, патриотизам е грижа за напредокот и колективниот просперитет на твојата татковина, а не катастрофа на татковината на тие што се до тебе.  Патриотизам е да ја сакаш твојата татковина и да се жртвуваш за неа, а не да ги мразиш другите татковини, порача Ципрас.

Во Грција против Договорот е и министерот за одбрана Панос Каменос, чии Независни Грци се коалициски партнер во Владата на Ципрас. Каменос е против Договорот, беше против и во текот на преговорите и откако се постигна, а сега најави дека ќе поднесе оставка, откако уставните измени ќе поминат во македонскиот Парламент.  Неговата позиција е дека не може да прифати никаков договор што го содржи терминот Македонија.

Заев, пак, вели дека има доверба во Ципрас, во грчката Влада, вклучувајќи ја опозицијата, како и во грчкиот народ.

-Имам доверба и во Каменос кој е исто така дел од Владата. Треба да дадат шанса на еден ваков историски договор зашто договорот е добар за двете земји, за двата народа. Верувам дека бенефитите ќе се видат во следните месеци од неговата имплементација. На 9. јануари е закажана пленарната седница, а за не повеќе од 10 дена, околу средината на јануари, верувам дека ќе успееме да ги изгласаме конечните амандамни, потенцира премиерот Заев.

Меѓународната заедница со силна поддршка на Договорот, Русија вели не е против него, туку против членството во НАТО

И тука во спорот за името повторно се кршат копјата меѓу Западот и Русија, за тоа што е добро за двете земји, но и за поширокиот мир и безбедност.

САД, НАТО, ЕУ, ОН сите со поддршка за македонско-грчкиот компромис. Американскиот државен секретар Мајк Помпео неодамна по средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос во Вашингтон изјави дека влезот на Македонија во НАТО ќе ја засили способноста на балканските земји да се спротивстават на „недобронамерните активности“ на Русија во регионот.

Тој нагласил дека САД го поддржуваат историскиот Преспански договор и верува дека грчкото раководство ќе успее да го спроведе, со оценка дека договорот ќе ја зајакне грчката позиција на Балканот и ќе го намали руското влијание во регионот. Истакна дека треба да се поздрави и поддржи заложбата на премиерот Ципрас за решавање на долгогодишниот спор.

Истиот став ги повтори  за време на посетата на Скопје, американскиот заменик-државен секретар Џон Саливан. Тој беше највисок функционер на Стејт департментот, кој од 2001 година дошол во официјална посета на Македонија.

-Русија сака да го поткопа Договорот од Преспа што го постигнаа Македонија и Грција, и ќе направи се што е во нејзина моќ за да го попречи членството во НАТО, изјави тој на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Истакна оти не е тајна дека Русија се спротивставува на Преспанската спогодба и никој нема сомнеж дека ќе направи се што може во сопствен интерес наспроти интересот на граѓаните на  Македонија, за да го поткопа процесот на спроведување на договорот.

А Русија тврди дека прашањето за името е работа на двете земји и оти таа не се меша во нивните внатрешни работи, а неодамна рускиот амбасадор во Грција Андреј Маслов изјави дека Русија нема ништо против Догворот од Преспа, но се противи на членството на Македонија во НАТО.

-Ако Атина и Скопје постигнат договор за името и ако тоа биде официјално прифатено во Уставот на Република Македонија, тогаш ние ќе го признаеме тоа, рече Маслов, одговарајќи на прашање дали е можно Москва да стави вето на договорот во Советот за безбедност на ОН.

Го повтори ставот на Русија дека е против членството на Македонија во Алијансата и оти ако тоа се случи Москва ќе биде принудена да преземе контрамерки.

Потписниците на Договорот

Шефовите на дипломатиите, кои ставија потпис на документот на 17 јуни во Нивици, едниот се уште на позиција, другиот во оставка на сите можни начини се обидуваат да покажат дека тоа што е договорено е од корист за двете држави.

Тие беа архитеките на Договорот, ги усогласуваа ставовите, особено откако преговорите се подигнаа на ниво на шефови на дипломатии.

Димитров постојано во одбрана на Договорот, а неодамна во интервју за париски „Ле Монд“ вели дека добивањето двотретинско мнозинство е секогаш тешко во политиката, но предизвикот овој пат е од толку голема важност што ќе покажеме дека на Балканот се можни чуда.

-Ни недостигаат само 10 гласови. Ние сакаме да го финализираме гласањето во јануари, за да потоа договорот го одобри грчкиот Парламент пред да започне кампањата за европските избори. Противењето на грчката националистичка десница на овој компромис е исто така силно како и она на македонската националистичка десница, вели Димитров.

Коѕијас, пак неочекувано поднесе оставка од министерската функција кон крајот на октомври по тензичниот состанок во Владата, на кој тој се конфронтирал до Каменос во врска со Договорот.

Наводно Коѕијас бил огорчен затоа што Ципрас не го заштитил од нападите на Каменос, кој го обвинил за злоупотреба на тајни фондови од МНР, како и дека е близок човек на Џорџ Сорос.

Коѕијас и покрај оставката си остана на браникот на одбрана на договореното и неодамна преку неговото движењето „ПРАТО“ побара од Ципрас јавно да изрази несогласување со Каменос за изјавата во грчкиот Парламент, за „договор под маса на Коѕијас и Заев“.

-Го повикуваме министерот за надворешни работи и премиер Алексис Ципрас, веднаш и јавно да изрази несогласување до претседателот на Независни Грци за клеветата во грчкиот Парламент за „веројатно постоење на таен договор Коѕијас –Заев“.

Договорот од Нивици

Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноса на Времената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страни е официјалниот наслов на Договорот.

Димитров и Коѕијас на свечената церемонија во Псарадес или Нивици на 17 јуни оваа година ги ставија потписите на Договорот, во присуство на Заев и Цирпас , посредникот во преговорите Метју Нимиц, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Со Договорот во однос на македонскиот јазик предвидено е – македонски јазик  и во ОН останува да пишува македонски јазик, без каква било фуснота за дообјаснување. Во врска со државјанството, односно националноста, во договорот е утврдено македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.

Основата на Договорот е тоа што во него на паријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „македонски“ и како ние за нас го толкуваме поимот Македонијаи македонски.

Со членот 7 се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и македонски во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата.Утврдено е дека Македонија и македонско во наш контекст ги отсликува нашата теротирија, нашиот јазик, народ со сите стрибути, историја, култура и ннаследство – различни од оние во Грција.

Химната, грбот и знамено не се менуваат, како и кодовите МК-МКД, додека регистерските таблички не се дел од меѓународната кодификација и ќе го следат духот на Договорот.

Државните институции ќе го следат принципот на Договорот – новото утврдено име на државата. Сите други организации/компании/здруженија може слободно да се именуваат како македонски и да ја користат придавката македонски.

Преговорите меѓу Македонија и Грција се обновија кон крајот на 2017 година, по речиси тригодишен застој. Спорот траеше 27 години. По обновувањето во почетокот посредникот на ОН, Нимиц имаше средби со преговарачите Василакис Адемантиос и Васко Наумовски, а потоа преговорите се подигнаа на повисоко ниво, на ниво на шефови на дипломатии.

Премиерите на двете земји ја имаа првата директна средба на Светскиот економски форум во Давос, каде беа направени првите отстапки. Македонија ги преименува аеродромот и автопатот, а Грција ја одблокира втората фаза на земјата во процесот на Стабилизација и асоцијација со ЕУ и и овозможи на Македонија да стане членка на Јадранско-јонската иницијатива.

Клучна во преговорите беа средбата Заев-Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа во Софија за време на бугарското претседателство со Унијата. Самата средба на двајцата премиери како да беше централен настан на Самитот, кој во таков формат последен пат се одржа во Солун 2003 година. Заев и Ципра во телефонски разговор на 12 јуни го потврдија договореното, а потоа ја информираа јавноста во своите земји.

Спорот за името почна веднаш по осамостојувањето на Македонија и нејзиниот прием во ОН, на 8 април 1993 година. Поради противењето и притисоците од Грција, која не го прифаќа уставното име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија.

Расположението на граѓаните во двете земји

На јавното мислење треба да се работи со дебати со оглед на долгогодишната пропаганда но и дека станува збор за чувствително прашање, предупредуваат експертите.

Последното истражување на јавното мислење во Грција, спроведено од агенцијата за рејтинг MRB Hellas, а објавено од информативниот портал „Реал“, покажува дека 7 од 10 Грци негативно го оценуваат Договорот од Преспа, исто толку сметаат дека договорот не ги гарантира грчките интереси, повеќе е наклонет и повеќе им служи на македонските интереси и во иднина ќе создаде сериозни проблеми. Речиси пет од 10 Грци одговориле дека договорот ќе биде изгласан од грчкиот Парламент, а 25,9 отсто сметаат дека Македонија е „вистинска закана за Грција“.

Според анкетата на МЦМС пред референдумот во Македонија на референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“, „за“ се определија 41,5 отсто а „против“35,1 отсто.  Сепак, помалку Македонци се определија дека ќе гласаат „за“ (27,4 отсто) отколку „против“ (45,2 отст%), додека кај етничките Албанци поддршката „за“ беше убедлива (88 отсто наспроти само 2,2 отсто „против“).

Сотирис Сербос од Демократиус Универзитет на Тракија – Грција, кој неодамна учествуваше во дебата во Скопје изрази оптимизам дека Преспанскиот договор ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент како историски пробив, важен не само за двете држави, туку и за осигурување на безбедност во еден проблематичен регион. Напомена дека е потребно да се работи на јавното мислење во двете земји поради речиси тридецениската пропаганда.

Грција влегува во предизборен период и затоа Сербос предупредува дека не треба да изненадуваат одредени тонови и изјави, особено од партиите кои сега се против Договорот, но ден по изборите ќе се покаже оптимизмот од повеќето страни.

Во претпристапниот период за Македонија, сметаат експертите,  мора да се засили соработката не само меѓу политичките и бизнис елити туку целите општества по годините недоразбирања, а Македонија и Грција треба да станат стратегиски партнери корисни за цел Западен Балкан.

Ана Цветковска