Македонија и Косово ќе соработуваат за случаите со поранешниот член на ОВК и барањето за екстрадиција на осудените за „Монструм“

од Nikola Popovski
71 прегледи

Двајцата премиери Христијан Мицкоски и Албин Курти разговарале за случајот со приведувањето на поранешниот член на ОВК, Блерим Рамадани и за барањето за екстрадиција на осудените за случајот „Монструм“. Се договориле дека двете министерства за правда ќе бидат во постојан и директен контакт.

Според косовскиот премиер, сè ќе биде во функција и правец на општата вредност која што е заснована на Уставот, постапките, законите и институционалните процедури во двете држави.

-Случајот на двајцата бегалци е покренат во Специјалното јавно обвинителство на нашата држава. Исто така и за лицето кое сега е во домашен притвор – и овој случај е разгледан. Се надевваме дека што побрзо ќе се затворат случаите, со цел законите да бидат спроведени и нашите добрососедски односи да бидат запазени и да се негуваат, рече Курти на прес-конференцијата со Мицкоски во зградата на Владата.

Македонскиот премиер се надоврза на изјавата на Курти.

-Министрите за правда ќе продолжат да соработуваат за сите случаи и очекуваме добрите односи да одат само во позитивен правец, а не да уназадуваме. Сакаме да ги подобруваме односите меѓу двет влади, потенцира Мицкоски.

Министерот за правда, Игор Филков, потпишал барање за екстрадиции за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се осудени за доживотен затвор за кривичното дело „тероризам“. Како што појасни, овие две барања се доставени до косовското Министерство и се чека на одговор.

Тој напомена дека за нив првпат од Косово е побарана екстрадиција на 15 март 2013 година, но тоа беше одбиено.

На поранешниот член на ОВК, Блерим Рамадани, кој беше приведен на влез во Македонија, мерката екстрадициски притвор во затворот „Шутка“ во Скопје му е заменета со мерката „куќен притвор поради екстрадиција“ и со мерки на претпазливост. Вака одлучиле во Кривичниот суд во Скопје.

Рамадани со решение на судија на претходна постапка ќе мора да остане во домашен притвор со мерки на претпазливост. Според документот, Рамадани ќе има привремен престој во Скопје до завршување на понатамошните процедури од денес, па се до 16.08.2024 година.

Слични содржини