Македонија и понатаму во портокалова фаза: Температура до 41 степен!

од Nikola Popovski
465 прегледи

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност, известуваат од УХМР. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. УВ индексот ќе биде 10.

Утринската температура ќе биде од 16 до 24 степени, а дневната од 34 до 41 степени.

Во Скопје сончево и многу топло со умерен, повремено засилен ветер од северен правец.

Се очекува температурата да достигне до 37 степени Целзиусови.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, како што извести Министерството за здравство, портокаловата фаза во којашто се наоѓа државата продолжи од вчера 17 јули 2023 година (понеделник) и се очекува да трае во следните 10-тина дена. Поради тоа, Владата препорача ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, чии работни ангажмани не е можно да се спроведат преку онлајн работа таму каде техничко-технолошкиот процес го овозможува тоа, во установите за згрижување на децата (градинки) и да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

Исто така, Владата, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги задолжи корисниците, односно стопанисувачите со државни шуми, согласно Законот за шумите, да прогласат забрана за движење во шумите, по добиена претходна согласност од надлежното министерство, што се операционализира од вчера 17 јули 2023 година (понеделник).

Слични содржини