Доколку за Македонија се воведе вонредна енергетска такса за пренос и транзит на руски природен гас преку бугарска територија, земјата ќе побара оштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската унија, порача министерот за економија, Крешник Бектеши.
Бугарија од 13 октомври воведе вонредна енергетска такса за пренос и транзит на руски природен гас низ нејзината територија во износ од 20 лева за мегават-час. Од источниот сосед велат целта е да се направи помалку профитабилно за Гаспром испораката на гас преку Бугарија.
„Новиот данок е целосно во согласност со целите на ЕУ за намалување на зависноста од руските фосилни горива. Бидејќи повеќето од договорите на Гаспром се одредуваат на местото на испорака во дадена земја, таксата веројатно нема да има влијание врз цените на гасот низводно. Ова само ќе го намали профитот на Газпром“, коментирал минатата недела бугарскиот министер за финансии, Асен Василев за „Фајненшл Тајмс“. Тој најавил дека бугарската влада ја известила Европската комисија за измените.
Гасоводот преку Бугарија до Србија е единствениот начин на кој Северна Македонија се снабдува со гас.
„Ако воведат такса за природниот гас што доаѓа од Газпром, што е легитимно од нивна страна, тогаш треба да се ослободат количините што Газпром и ги дава на Северна Македонија. Ова е нашето барање. Не сакаме да се мешаме во фискалната политика на Бугарија, но во делот за либерализација на пазарите имаме целосно право да сакаме ЕУ тоа да го бара од нивните земји-членки. Веќе ги алармиравме Европската енергетска заедница и Европската комисија“, рече Бектеши одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека има барање од Бугарија за изградба на нов гасовод меѓу двете земји, а до крајот на годинава ќе започне изградбата на нов гасовод со Грција, кој е поддржан од Европската банка за обнова и Развојот и стратешките партнери на земјата.
„Нема да дозволиме уцени ниту од Бугарија, ниту од никого. Ќе продолжиме да ги диверзифицираме нашите извори за снабдување со гас. Ние веќе почнавме и нема компромис со ова… Во однос на ослободувањето на капацитетите, ова е обврска на Европската Унија, бидејќи зборуваме за принципите на целосна либерализација на пазарите“, кажа Бектеши, кој прецизираше дека Северна Македонија инсистира да се ослободат капацитетите, за да може земјата да се снабдува со гас од други извори „вклучително и од Азербејџан, а зошто не и преку терминалите од Грција“.
Изградбата на нов гасен интерконектор Петричко-Струмица беше меѓу темите на кои се разговараше за време на работната група за инфраструктура, транспорт и енергија во март минатата година со учество на тогашниот министер за енергетика на Бугарија, Александар Николов и неговиот македонски колега Бектеши.
Тој прецизира дека количините на гас што биле пуштени во претходната година не биле доволни за потребите на Северна Македонија и тоа секако ќе влијае на цената на природниот гас, особено за потребите на стопанството во земјава.