Македонија ќе добие препорака за преговори, но и остри критики од Брисел

од desk3
75 прегледи

Македонија во извештајот за напредокот на земјата во интеграциите кон ЕУ, ќе добие препорака за преговори, дознава „Мета“.

Препораката, според високите владини извори, не била спорна, особено зашто веќе е почната реализацијата на Договорот од Пржино, односно изборот на специјален јавен обвинител. Сепак, извештајот, во кој ќе бидат наведени и забелешките од Прибе, како што дознаваме, воопшто нема да биде благ кон проблемите што се провлекуваат неколку години наназад.

eu-mkd_g

Од извори упатени во подготвувањето на извештајот, дознаваме дека и годинава како негативни точки ќе бидат истакнати политичкиот притисок врз судството, партизацијата на администрацијата, проблемите со слободата на медиумите, антикорупцијата и настаните од 24 декември 2012 година, кои веројатно ќе бидат поврзани со блокадата на комисијата за надзор на работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање.

Сепак, нацрт-извештајот сè уште е во процес изработка, така што можни се измени на неговата содржина.

Еврокомесарот за проширување, Јоханс Хан, за време на својата посета во Скопје, изјави дека евроинтеграцискиот дух во Македонија е повторно заживеан, но рече дека мала е веројатноста за наскоро да се почнат преговорите, особено затоа што кризата не е целосно завршена, а и спорот со името не е решен.

– Прагматичен сум, мора да одиме чекор по чекор, кризата не е целосно решена. Ако се спроведе договореното, ќе направиме сè за да ги убедиме членките на ЕУ да почнат преговорите. Сепак, тоа не се завршува за неколку месеци – рече еврокомесарот за време на посетата на Скопје.

 

МЕТА