Министерката за одбрана Славјанка Петровска синоќа во емисијата Click Plus на ТВ21 говореше на повеќе теми поврзани со одбраната, вклучувајќи го и буџетирањето на одбраната и инвестициите во нова и модерна опрема за Армијата каде најави дека следната година, и формално одбраната ќе влезе во процес на набавка на дронови за потребите на Армијата на Република Северна Македонија.
-Процесот веќе е започнат и во текот на следната година ќе започнеме формално со набавка на дронови, затоа што анализата која јас ја најавив пред неколку месеци е направена. Генералштабот на Армијата со соодветните единици ја заврши оваа анализа која што покажа каде, во кои сегменти од одбраната и генерално за државата, дроновите можат да бидат искористени. Во наредниот период остануваме да ги изработат оперативните побарувања, односно да се специфицира што точно, каков вид дронови и со кои перформанси се потребни и таа набавка треба да ја спроведеме во текот на следната година, соопшти Петровска.
Беше истакнато и дека одбраната ќе располага со два проценти од бруто-домашниот производ, а од нив 33 проценти ќе бидат наменети за модернизација и опремување. Ова се случува после години неивестирање во Армијата.