Македонија ќе набави осум хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“

од Nikola Popovski
318 прегледи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вчеравечер во интервју најави дека набавката на осум нови повеќенаменски хеликоптери за Армијата на Република Северна Македонија влегува во нова фаза откако во рамките на Министерството и Армијата, понудата на италијанската компанија Леонардо била потврдена како најсоодветна во процесот на модернизација на хеликоптерските капацитети на Армијата.

„Пред една недела одржавме Управна група, на која што ставот на Генералштабот, што беше потврден од останатите вклучително и од мене, е дека најсоодветна, согласно перформансите, цената, вклучително и системот за одржување е понудата од италијанската компанија Леонардо“, рече министерката во интервјуто за 360 степени.

Набавени ќе бидат два типа на хеликоптери, Агуста 149 и Агуста 169. Едниот хеликоптер е со поголема носивост, до 14 патници со опрема, а другиот е со помала носивост, до 8 патници исто така со вклучена опрема, информираше министерката и додаде дека по оваа одлука се влегува во фаза на формирање на комисијата за набавки која ќе започне со преговарање со компанијата чија што понуда е селектирана како најповолна.

Во однос на останатите проекти за модернизација, министерката истакна дека по пристигнатите 32 возила, годинава се очекуваат околу 16 дополнителни JLTV оклопни возила од американско производство, како и првите оклопни возила Страјкер.

Согласно договорите за набавка, истакна Петровска, испораката на системите за противвоздушна одбрана од Франција се очекува во втората половина на 2025 година, додека артилериските системи од Турција треба да пристигнат во периодот 2025-2026 година.

Буџетот за одбраната годинава го надмина прагот од 2 проценти од БДП, односно изнесува 2,05% или околу 327 милиони евра. Една третина од одбранбениот буџет е наменет за модернизација и опремување на Армијата со што Северна Македонија ги исполни двата критериуми на НАТО- Алијансата за буџетирање на одбраната – минимум 2 проценти од БДП за одбрана и најмалку 20% од овие средства за модернизација.

Слични содржини