0,,18416575_303,00

Според Фридом Хаус, Македонија е на 125-тото место и е делумно слободна земја во однос на слободата на печатот со 58 поени. На листата таа е во друштво со земји како Уганда, Кенија, Конго, Кувајт, Мадагаскар…

„Неколку опозициски ориентирани медиуми беа присилени да се затворат во овој период, и новинарот Томислав Кежаровски беше во притвор во 2014 година, врз основа на сомнителни обвиненија дека открил идентитет на заштитен сведок во случај за убиство“, се вели во извештајот.

Во овогодинешниот извештај пад има и Србија, поради спречувањето од страна на премиерот Александар Вучиќ за известување за поплавите во земјата оваа година, како и за вршењето притисок врз независните новинари.

Генералната оценка на организацијата е дека во повеќе земји во Западниот Балкан биле забележани загрижувачки примери на нарушување на слободата на медиумите во 2014 година. Притоа се забележуваат и некои заеднички проблеми: „злоупотребата на законите за клевета и навреда од страна на политичарите и бизнисмените за да го замолкнат критичкото информирање; провладината пристрасност на јавните сервиси; притисок врз уредниците од страна на политичките лидери и приватните сопственици кои доведуваат до самоцензура; малтретирање; закани; и напади врз новинари кои минуваат неказнето; како и нетранспарентна сопственичка структура“.

Најблиску до Македонија во регионот е Босна и Херцеговина која има 51 поен, па Албанија и Косово со по 49 поени, Романија има 42 бода, Србија и Хрватска имаат по 40, а Бугарија и Унгарија – 38, односно 37 поени.

Според извештајот насилството и притисоците врз новинарите е она што придонело за опаѓање на слободата на печатот, на глобално ниво. Од сите 199 рангирани држави само 14 отсто од луѓето во светот живеат во земји каде има слободни медиуми.