Македонија на крстопат после локалните избори

од Nikola Popovski
73 прегледи

Невидениот скандал со кој беше  згрозена  целата македонска јавност, од грозоморниот вербален и физички напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, извршен од страна на лице кое е инкриминирано во тешки криминогени активности од Чаир,  дефинитивно ќе влијае  значително  врз  рејтингот на владејачката партија. Влијателни  медиумски лица, за кои можете да кажете се, само не дека се дел или инклинираат кон Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, веднаш го осудија нападот, велејќи дека „ едно е незадоволството од работата на скопската градоначалничка“, друго е да премолчите ваков невиден напад врз неа, во земја која се фали дека е членка на НАТО алијансата, и „заслужува да биде дел од Европската унија“. Владејачката  партија, за жал не најде и не смогна сили да го осуди нападот, префрлајќи ја вината врз градоначалничката. Најфрапантно беше тоа што првиот човек на Министерството за внатрешни работи, исто така не најде за сходно за го осуди нападот, имлицирајќи  вина врз неа. Нејсе, времето ќе суди, кој „бил во право, кој не“.

Шанса за Центар да остане опозициско  јадро!

Без разлика на реакциите од јавноста, никој не гаи илузии дека крешчендото на атаките врз Арсовска, ќе ја промени политичката мапа во Македонија, на локалните избори, односно дека значајно ќе ја смени изборната преференцијална слика. Од владејачката партија се фалат, дека на анкетите „воделе 5:1“ во однос на опозицијата и дури да прифатиме дека овој сооднос е пренагласен, сепак на сите до  еден им е јасно, дека после минатогодишните парламентарни избори, електоратот е свртен в десно, и покрај разочараноста на дел од граѓаните после едногодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициски партнери. Едноставно, СДСМ е декласирана, дезавуирана, политички депласирана и денунцирана после двојниот пораз лани и ако ги прашате социјалдемократските првенци ( раководството или пратениците), па дури и самиот вршител на должноста претседател на СДСМ, сите до еден во еден ист тон ќе ви одговорат дека „не сакаат да шпекулираат со бројот на освоени градоначалнички мандати “ на претстојните избори“. Тоа е така, бидејќи на сите подеднакво им е јасно дека следува изборно цунами за социјалдемократите, со исклучок на неколку општински „острови“. Еден од тие е Општина Центар, каде што живее најурбаното и најкритичкото јадро, кое згрозено  од нападот врз Данела, сигурно конјуктурно ќе се дистанцира од поддршката за ДПМНЕ и нејзините сателити (ЗНАМ) , доколку досега не го направиле тоа, односно „случајот Данела“ и тоа како ќе има влијание врз центарското  урбано и граѓанско гласачко јадро. Надополнето со политиките на градоначалникот на Општина Центар, актуелен кандидат за иден градоначалник на Центар, голема е веројатноста со изборна победа, да го обели колку-толку политичкиот образ на неговите сопартијци. Кооптирањето на граѓанскиот сектор, отвореноста кон граѓаните без разлика на нивната политичко-партиска, етничка, социјална или друга припадност, во приказната за продолжување на политиката на добробит за локалната самоуправа на Центарци, може да биде шанса за Центар да остане опозициско јадро на дејствување и во идниот период. Тоа ќе зависи и од умешноста на актуелниот градоначалник и актуелен  кандидат за нов мандат, да  ги  убеди  граѓаните и гласачите на Општина Центар, во исправноста на своите локални политики досега, и неговата проектирана визија за во иднина.

Што научивме од демократијата?!

Македонија после цели триесет и пет години, од својата повеќепартиска независност, не исчекори ни за јота во практикувањето на непосредната демократија. Граѓаните за жал, не се научија да прават прво диференцијација меѓу претседателски, парламентарни и локални избори, и со тоа да прават разграничување кога гласаат за кандидат за претседател , пратеник или градоначалник/советник. Затоа неретко  тие со „валканата вода, го фрлаа и бебето“, казнувајќи ги на тој начин, добрите градоначалници или пак претседатели на државата, поради нискиот рејтинг или во дадениот момент одбивноста или дури омразеноста кон нивната матична партија. За да созрееме како општество , меѓу  другото, ќе треба да правиме, разлика во однос на типот на избори, и надлежностите  кои  избраните  функционери ги имаат. Да покажеме мудрост, и памет в глава, барем  таа што ни останала, за да не ја повторуваме истата летаргична грешка во неподносливото сивило на секојдневното живеење, овие три и  пол  децении!

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини