Македонија не го почитува Договорот за добрососедство и врши кампања против нас што е навредливо за помошта што ѝ ја обезбедуваме, велат од бугарската проруска партија Преродба

од Nikola Popovski
219 прегледи

Проблемите со заштитата на оние кои се самоидентификуваат како Бугари во Република Северна Македонија стануваат сè посериозни, изјавил Костадин Костадинов, лидерот на бугарската крајнодесничарска проруска партија Преродба, пренесуваат бугарските медиуми.

Според неговите зборови, пристапувањето на Македонија во Европската Унија (ЕУ) треба да се базира исклучиво на заслуги кон заедницата, а мерило за тоа е почитување на Договорот за добрососедство со Бугарија и протоколите кон него, како и заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.

-Сепак, Република Северна Македонија не го почитува Договорот за добрососедство, постојано започнувајќи кампања против нас, што е навредливо во однос на помошта што Бугарија ѝ ја обезбедува, вклучително за време на трагедијата во Кочани, како и во првите денови кога се распадна енергетскиот систем во нашата соседна земја, смета Костадинов.

Тој истакнал дека односите меѓу населението на двете земји се едно, а меѓудржавните односи се друго.

-Уште еднаш се покажа дека интересите на земја-кандидат за членство во ЕУ се подобро заштитени од оние на земја-членка, се вели во декларацијата во врска со извештајот за Македонија за членство во ЕУ, кој наскоро ќе се дискутира, пренесува „БТА“.

Според Костадинов, некои од бугарските европратеници водат нерамноправна битка во одбрана на основните права на самоидентификуваните Бугари во Македонија. Контроверзниот бугарски политичар замерува што, како што вели, во последните неколку месеци „министерот за европски прашања на Република Северна Македонија беше во Брисел три пати, вклучително и минатата недела исклучиво по ова прашање“.

Тој е убеден дека бугарските позиции мора да бидат одбранети во многу поголем обем од страна на нивната земја.

-Ова се случува кога имаме „недостаток на Министерство за надворешни работи, кога министерот за надворешни работи Георг Георгиев се однесува како Украинец, како израелски амбасадор, но никогаш како бугарски министер за надворешни работи“, вели Костадинов.

-Во овој период, додека тој ги брани украинските интереси, израелските интереси, во овој период неговиот колега од Република Северна Македонија го „освојува“ светот, нивниот премиер беше во Минхен и говореше таму, стои во декларацијата на Преродба.

Слични содржини